Достапни линкови

Секој месец разговори за името


Со средби секој месец Нимиц и преговарачите ќе се обидат да ги интензивираат напорите за наоѓање решение на спорот за името меѓу Македонија и Грција. Медијаторот вели дека сега има подобрена атмосфера за разговори.

Македонија и Грција побарале медијаторот Метју Нимиц да ги интензивира напорите со што би дошло со решение на спорот за името. По средбите во Брисел меѓу Нимиц и преговарачите на Македонија и на Грција, медијаторот рече дека ќе има средби во јануари, февруари, март... Ќе се среќаваат во Њујорк, а не е исклучено да има средби и во Европа.

Медијаторот рече дека прашањето за името може да биде решено следната година.

„По толку многу години, нема да се појави магично ново име. Решението ќе биде најдено со политичка волја и добра дипломатија“, рече Нимиц.

Тој изјави дека не дал нов предлог, туку ги слушал двете страни, кои, според него, се подготвени да ја слушнат позицијата на другиот.

„Првиот состанок беше да ги поставиме уште еднаш позициите на страните. Јас не дадов никакви предлози, но се обидувам да ги олеснувам разговорите меѓу двете страни. Двете страни се добро подготвени и ги артикулираа нивните позиции. Тие покажаа добра волја да ја слушнат другата страна и да ги разберат нивните позиции и да размислат за можните решенија со кои ќе се реши прашањето, но не сакам да давам лажна надеж“, рече Нимиц.

Тој вели дека се чини оти прашањето за името е приоритет за новата влада во Скопје и дека владата работи на подобрување на односите со Грција. Изјавите на грчкото раководство, вели тој, покажуваат дека за Грција е многу важно да се решат проблемите во регионот, со што ќе се дојде до посигурен регион.

Медијаторот во Брисел разговараше со преговарачите Васко Наумовски и Адемантиос Василакис, по подолга пауза во разговорите за името. По разговорите, Нимиц одржа прес-конференција во зградата на Регионалниот инфо центар за Западна Европа на ОН (UNRIC).

Вчера медијаторот и преговарачите требаше да имаат вечера, но поради снежното време ниту еден од нив не успеа да стигне навреме во Брисел. Во Брисел, Наумовски е придружуван од дипломат од МНР, а во ист формат е и грчката страна.

Последната формална рудна разговори под медијаторство на ОН со преставниците на двете земји се одржа во Њујорк во 2014.

Премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека името „Нова Македонија“ е предлог на медиумите. Тој на заедничката прес-конференција со косовскиот премиер Рамуш Харадинај во Приштина, рече дека не се стигнало до таму да се разговара со нови имиња.

„Верувам дека деновиве ќе се разговара за потврда на желбата на двете страни суштествено да навлезат во решавање на проблемот што Грција го има со нашето уставно име. Се надевам дека со посрединштво на Метју Нимиц ќе биде потврдена заедничката желба на двете стани, на Македонија и Грција, за изнаоѓање на вакво решение“, изјави Заев.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG