Достапни линкови

Иванов - УБК е генератор на кризите


Претседателот Ѓорге Иванов вели дека политичката криза во земјава станува нова нормалност, на која луѓето почнале да се навикнуваат, а како главен виновник и генератор на кризата ја посочи УБК.

Пораки за помирување, а не реваншизам, за потребата од итни системски реформи, за воспоставување на политички дијалог и разбирање, упати претседателот Ѓорге Иванов во редовното годишно обраќање пред јавноста. Во својот говор во Собранието, Иванов рече дека политичката криза во земјава станува нова нормалност, на која луѓето почнале да се навикнуваат.

„И додека во светот се водат големи глобални дебати за климатските промени, за одржливоста на развојот, за четвртата индустриска револуција, за вештачката интелигенција, за заканата од невработеност и сиромаштија, нашите дебати се сведоа на фаќање сеир за несреќата на другиот. Македонскиот јавен простор е затруен со говор на омраза, лични фрустрации и желби за одмазда“, рече Иванов.

Како главен виновник и генератор за кризата ја посочи Управата за безбедност и контраразузнавање и одделот за техничка поддршка и побара итно спроведување на препораките од Прибе во делот на реформите на системот за национална безбедност. Иванов побара и одговорност за оние кои го предизвикале насилството на 27 април, но исто така додаде дека одговорноста не смее да се генерализира.

„За жал, видовме пратеници со лисици без симнат имунитет и граѓани од „Заедничка Македонија“ обвинети за тероризам. Не можам, а да не ги поддржам оние кои повеќе од два месеци на мирен и достоинствен начин искажуваа грижа за државните интереси на Република Македонија. Бидејќи, дел од нивните барања беа и мои барања“, рече Иванов.

Шефот на државата упати гласни критики до медиумите. Рече дека живееме во загаден медиумски простор, каде што, како што рече, лажните вести прават ерозија на институциите. Во делот на надворешната политика, од Европската унија побара да ја потврди политиката на отворени врати, а надминувањето на спорот за името рече дека ќе влијае на стабилноста и просперитетот на целиот регион.

„Заемно прифатливото решение мора да го почитува нашиот национален идентитет. Не може да се лицитира со идентитетот на граѓаните и уставното име на државата“, рече Иванов.

Тиранската платформа ја окарактеризира како популистичко мешање на надворешни фактори во внатрешната политика на земјава, а за Законот за јазиците рече дека ја урива унитарноста на државата.

ВМРО-ДПМНЕ говорот го нарече содржајно обраќање кое му доликува на државник.

„Станува збор за содржаен говорник на државник, на човек кој ја извршува највисоката државна функција, ги опфати сите актуелни теми од изминатата година, даде свој осврт, свое сиже на сето тоа, ако ме прашувате за детали ќе треба детално да го проанализирам па да ви одговорам“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

За СДСМ, пак, говорот на Иванов бил срамен и теснопартиски.

„Господинот Ѓорге Иванов ја испушти приликата да се надмине себеси и партиската реторика на поделби и конфликти и да покаже дека е на нивото на својата одговорност Претседател на Република Македонија и во оваа клучна година за реставрација на демократијата во Македонија, да даде минимален придонес кон помирувањето коешто толку често го истакнуваше во својот говор“, рече Фросина Ременски од СДСМ.

На говорот на претседателот, Демократската унија за интеграција има 26 забелешки.

„Денешниот говор на господинот Иванов најдобро може да се дефинира како оксиморон. Ако би го ставиле на полиграфски тест, како што тој бара низ целиот свој говор, тогаш би изгледал многу шашаво, а можеби би функционирало како космодиск демократија, но би го збунил и самиот полиграф за да го дефинира говорот“, изјави Артан Груби, координатор на пратеничката група на ДУИ.

Покрај пратениците, годишното обраќање на Иванов го следеа и дел од меѓународните претставници во земјава.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG