Достапни линкови

Спорот за името ги разгорува страстите повеќе од бадникарските огнови


Премиерот Зоран Заев со министерот за надворешни работи Никола Димитров, вицепремиерот Бујар Османи и преговарачот Васко Наумовски на консултации за прашањето за името на 8 декември 2017

Спорот за името е тема која секогаш ги разгорува страстите кај нашите читатели. Тие коментирале и за повикот да не се палат бадникарски огнови.

Името па името – очигледно најосетливата точка за оние што ја следат РСЕ, а веројатно и за мнозинството граѓани на Македонија, исто како и препораката на некои скопски општини да не се палат коледарски огнови.

Изјавата на премиерот Заев дека е можно до крајот на првата половина од оваа година Република Македонија да добие покана за членство во НАТО, Марјанчо Ангеловски ја коментира вака, скратувајќи го рокот: „Ако Македонија не добие покана за полноправно членство во НАТО, на Самитот на Алијансата во мај, Зоран Заев треба да го врати мандатот и Владата да падне, а СДСМ како уценета партија од ДУИ треба да побара од Пржинскиот креатор, Хан, формирање влада на национален спас“. За Динка Јованова „можно“ е широк поим, а Нацо Попов како да се заканува: „Можно е и народот да влезе во влада кон средината на 2018 година“. Садику Садик смета дека „тоа е завршено, уште само амин да се каже“. Но Сунчица Давидовиќ Павлова коментира дека Заев знае што прави. „Се израдуваа сите дека Македонија ќе се дели, ќе се учат 120 јазици... тој полека полека ги средува работите на друг начин“. Сунчица се обложува дека „името нема да се смени, нема да има немири, а Заев кога ќе заврши што наумил, ќе го предложат за Нобелова награда за голем ум“. И на крај го честита Бадник.

Дарко Стојчески реагира на препораките да не се палат коледарски огнови, па потсетува: „Тоа останало од памтивек и таа традиција не смее да се прекине... Тоа и после нас ќе продолжи, а за загадувањето од утре гледајте - прајте“. Кире Велјановски постирал: „Прво забранете им ги џиповите, па ќе правиме муабет“.

По информацијата дека Врховниот суд во Атина треба да донесе конечна одлука за екстрадиција на поранешните разузнавачи Грујевски и Бошкоски, Живко Чавдаров има интересно размислување: „Ова ’бегство‘, па ’судење‘ и потоа барање ’азил‘ се сценарио и договор меѓу високи функционери на македонските и грчките тајни служби за нивно згрижување и заштита – само интервенција и притисок од САД и ЕУ може да доведе до екстрадиција во Скопје на ‘бегалците“.

И нашиот преглед на неделниците, особено написот за очекувањата на граѓаните за брз влез на Македонија во НАТО и ЕУ предизвикал голем број коментари на нашата ФБ страница. Драган Стефановски е краток: „За НАТО – да, за ЕУ ќе размислиме“, постирал. Зоран Макаранов коментира: „Не ни треба ни тоа ни тоа“, а Миле Спасов вели: „Абре човеци, не е проблем името, ај ќе се реши, нас не неќат заради верата и нацијата“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG