Достапни линкови

Бојкотот на Парламентот - ризик за нова политичка криза


Архивска фотографија: Собраниска седница без присуство на опозицијата

Не се исклучува можноста од нова политичка криза поради бојкотот на Собранието од страна на опозицијата. Според упатените, станува збор за непопуларна мерка која не е во корист на ниту една политичка партија.

Бојкотот на Собранието од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ е непопуларна мерка која не е во корист на партијата, велат упатените. Од ВМРО-ДПМНЕ не учествуваат во работата на законодавниот дом по притворот на шестмина пратеници кои се дел од опозициската коалиција, како и на останатите осомничени за насилството во Парламентот на 27 април.

Британскиот амбасадор во Македонија, Чарлс Гарет, во интервју за Радио Слободна Европа кое целосно ќе го емитуваме в недела вели дека во секоја демократија опозицијата игра клучна улога. Нејзината улога во Парламентот, според него, е да биде тест за владините политики и да ги унапредува законите, а доколку тоа не го обезбеди, тогаш нејзината функција може да има негативно влијание. Гарет не ја исклучува можноста од нова политичка криза доколку опозицијата продолжи со бојкотот на Собранието.

„Јас мислам дека Македонија затвори едно поглавје на политичката криза. Тоа секако е добар чекор напред. Но, многу потцртани причини за кризата остануваат. Ситуацијата се уште е кршлива, така што јас би рекол дека ризикот останува и зависи од сите инволвирани кои треба да се осигураат дека се што прават е насочено земјата да оди напред кон посигурно, постабилно и побезбедно место“, вели Гарет.

Професорот на Универзитетот Свети Климент Охридски, Никола Дујовски очекува бојкотот да биде надминат со изборот на ново раководство на ВМРО-ДПМНЕ кое ќе понуди нови идеи. Според него, тешко дека Македонија ќе се соочи со нова политичка криза, бидејќи парламентарното мнозинство е стабилно.

„Така што политичка криза од аспект на функционирање на законодавниот дом нема да има. Но, оваа состојба на среден или можеби малку подолг рок е неодржлива затоа што ќе предизвика некои други реакции или дејствија во државата кои може да доведат до политичка криза“, смета Дујовски.

Дујовски додава дека неучеството во работата на Собранието никогаш не носи предност на политичките партии кои тоа го практикуваат. Тој посочува дека ВМРО-ДПМНЕ мора да го гради својот капацитет и углед кај гласачите на поинаков начин.

„Со бојкот верувате нивниот глас ќе биде се побезличен во Македонија. Собранието меѓу другото е место каде тие го градат својот рејтинг. Од ова најмногу губи ВМРО-ДПМНЕ“, додава тој.

Освен бојкот на Парламентот, од ВМРО-ДПМНЕ не учествуваат во работата и на дел од советите во општините низ Македонија.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG