Достапни линкови

Нова политичка криза на повидок?


Протестен марш на ВМРО-ДПМНЕ.

Опозициските пратеници не учествуваат во работата на Собранието, а со тоа се доведува во прашање исполнувањето на европската агенда. Потребно е и власта и опозицијата да покажат разбирање за интересите на државата.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ веќе втора недела не присуствуваат на седниците на Собранието и на работните тела. Речиси секојдневно стигнуваат и вести за општински советници од опозициската партија кои ги напуштаат седниците на советите во знак на револт поради притворањето на членови на нивната партија за крвавите настани од 27 април годинава. Целата оваа ситуација има потенцијал да прерасне во политичка криза, оценуваат дел аналитичари.

Според Андреја Стојковски од Центарот за европски стратегии Евротинк сепак, меѓународните дипломати и досега немаа разбирање за бојкотот како решение, па не очекува тоа да биде така и сега. Тој смета дека одговорност на владата е да ги објаснува процесите што се одвиваат во моментов, а дека ако се продолжело да се седи, како што вели на страна, можело да се развие и политичка криза.

„Потребна е поголема комуникација и појаснување на јавноста, затоа што на јавноста и треба објаснување зошто постапката ја води судот, на кој начин ја води, дека владата нема учество во оваа постапка и други прашања“, вели Стојковски.

Беса Кадриу од Универзитетот на Југоисточна Европа вели дека самото тоа што во процесите од планот 3-6-9 за европски интеграции не би учествувале сите структури може да има негативно влијание.

„Во таа смисла би можело да дојде и до нова политичка криза која што би довела до нови парламентарни избори, но тоа зависи од тоа дали се свесни политичките партии за последиците што ќе се случат, односно негативните влијанија на политичкиот процес во Македонија“, вели Кадриу.

Според Стојковски за да не дојде до кочење на европската агенда и власта и опозицијата мора да покажат разбирање за интересите на државата, односно таа да функционира со правила и одговорност за сите.

„Мислам дека едните ќе треба да покажат отвореност и подготвеност за прифаќање на предлози од опозицијата, а опозицијата ќе треба да покаже подготвеност да се помири со постапките на некои од нејзините членови“, вели Стојковски.

Премиерот Зоран Заев кој беше во Брисел доби поддршка и од претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер. Тој рече дека сака да ја охрабри Македонија да продолжи на патот кој го започнала, а напредокот кој бил направен во изминатите месеци како што рече бил извонреден. Доколку Македонија до крајот на годината ги усвои неопходните законски мерки, како што посочи еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан земјата може да влезе во наредната фаза и тогаш тие ќе видат дали може да понудат безусловна препорака во однос на иднината на почетокот на преговорите за членство во ЕУ и отворањето на поглавјата. Тоа, според него, ќе се случи само доколку продолжи реформскиот процес, за чие остварување, како што рече Хан, е оптимист. Сепак еврокомесарот кој минатиот месец беше во Скопје, рече дека е важно во процесот да се вклучи и опозицијата во Парламентот за да се обезбеди максимален консензус за остварување на националната цел.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG