Достапни линкови

Парламентот да не продолжи како гласачкa машина


Пратеници во Собранието на пауза меѓу седниците, гледаат во своите мобилни телефони или решаваат крстозбори

Објаснувањето дека пратениците биле збунети кога требаше да гласаат за мерките на правобраниетолот ги отвори прашањата дали Парламентот е гласачка машина и како да се направи ефикасен. Експертите велат дека една од причините за ваквите состојби е кревкото парламентарно мнозинство.

Како Парламентот да се направи ефикасен и постои ли опасност пратениците да се претворат во машина за усвојување закони? Овие прашања деновиве повторно се актуелни со неизгласувањето на предложените мерки на Народниот правобранител. Објаснувањето на координаторот на пратеничката група на СДСМ дека пратениците биле дефокусирани и збунети само ги нагласи овие дилеми.

Мислењата за причините за состојбите во парламентот се различни, но поранешниот пратеник Насер Зибери вели дека Македонија во изминатиот период не успеа да го претвори парламентот во место каде што ќе се креираат политиките врз основа на што расправата ќе биде ефикасна, а во исто време да не се претвори во кочница за спроведување на политиките.

„Последните случувања само го потврдуваат тоа со тоа што овој состав има уште еден хендикеп, а тоа е кревкото парламентарно мнозинство. Отсуството на само неколку пратеници може да ги доведе во прашање точките од дневен ред кои ги предлага претседателот на Собранието“, вели Зибери.

Поранешниот претседател на Собранието Тито Петковски смета дека има неколку фактори кои влијаат по изборниот период, по локалните избори, да има една конфузија во Собранието. Но, тој очекува дека по кадровската консолидација на коaлициските партнери и кога ќе се види кои партии во Собранието ја поддржуваат владата оваа институција да ја нормализира својата работа.

„Сè уште по локалните избори трае тој процес на консолидација на Собранието. Имаше партии кои ја поддржува власта, а сега со резерва гледаат на владата поради локалните избори и начинот на поддршка на владините партнери и сега има тактизирање дали ќе влезе некој друг наместо нив. Низ призма на една седница не може да се носи заклучок дека е неефикасен овој состав на парламентот. Второ, и ВМРО-ДПМНЕ доби сериозна лекција и по изборите е дефакторизирана партија, не верувам дека ќе продолжат со опструкции, мора да се вратат во нормала за да може да се вратат на политичката сцена“, вели Петковски.

Во изминатите години познати беа укажувањата дека парламентот е недоволно ефикасен, дека многу важни закони со месеци чекаат да бидат усвоени и оти со постојана опструкција се губи време за суштински реформи.

Аналитичарите посочуваат дека проблемот е во фактот што односот на сите партии спрема парламентот зависи од тоа дали тие во моментот се на власт или во опозиција. Поранешниот претседател на парламентот Тито Петковски вели дека Собранието не ја апсорбира улогата што ја има во Уставот.

„Според уставот Собранието е сепак помалку поважен орган од Владата, бира судии, бира Влада, Владата одговара пред Собранието. Но, Собранието не ја апсорбира таа улога поради еден многу клучен фактор што партиската елита е сместена во владата, не во Собранието“, вели Петковски.

Зибери додава дека е неопходна дебата како да се дојде до парламент во кој ќе има расправа и креирање политики, но во исто време оваа институција да не претставува кочничар на спроведување на политиките кои преку парламентот треба да добијат правна сила.

Според него, потребни се и реформи на деловникот и законот за Собрание каде се уредени начелните прашања по однос на извршувањето на функциите.

Инаку, Собранието вчера го прифати Извештајот на Комисијата за политички систем за спроведување на препораките за надминување на констатираните состојби содржани во Извештајот на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права за 2016 година.

Со ова, според координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев, се поправа грешката со неусвојувањето на Извештајот направена на претходната седница, како што рече, поради недоволна координација на пратеничките групи и на претседателот на Парламентот Талат Џафери.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG