Достапни линкови

Собранието им го одзеде имунитетот на шестемина пратеници


Собраниска седница за одземање на имунитетот на шестмина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. 01.12.2017

Парламентарното мнозинство гласаше за одземање на имунитетот на шестмината пратеници кои се осомничени во истагата за крвавиот четврток. Првиот полицаец изјави дека акцијата е спроведена во согласност со законската процедура.

Собранието изгласа симнување на имунитетот на шестмина пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, откако судија на претходна постапка претходно побара симнување на нивниот пратенички имунитет заради одредување на мерка притвор како осомничени за насилствата во Собранието на 27 април. Нивните колеги изгласаа симнување на имунитетот на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски , Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ и на Љупчо Димовски од Социјалистичката партија на Македонија.

На седницата присуствуваа 67 пратеници, а за имунитетот на сите шестмина пратеници се гласаше поединечно. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваше на денешната пленарна седница, нарекувајќи ја истата „политичка фарса, чија единствена цел е реваншизам, сеење омраза и уништување на сите оние кои што мислат различно“.

„ВМРО-ДПМНЕ ги разгледува сите возможни опции за да се спротистави на ова безумије и да се стави во заштита на луѓето кои неправедно се дел од политички монитрани процеси без разлика дали тоа се пратеници, официјални лица или обични граѓани, чии единствен грев е што се дрзнале врз основа на својата совест и убедување да се спротистават на политиките на СДСМ“, се вели во соопштението од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

На седницата која траеше кратко се обратија само координаторите на СДСМ и ДУИ, Томислав Тунтев и Артан Груби.

„Тој ден кој влезе во срамната историја на нашата држава мора да биде расчистен, за да можеме колку толку оваа темна дамка да ја избришеме. Тоа му го должиме и на владеењето на правото на оваа држава, но и на ова Собрание“, рече Тунтев.

Груби рече дека 27 април бил тежок ден за демократијата, за општеството и за имиџот на државата и дека од секое страдање треба да се извлече поука.

„Тие сцени никогаш веќе да не се повторат и за ова сите ние заедно сносиме одговорност и сме рамноправни пред законот и правото“, рече Груби.

Шестемина пратеници се дел од 36-те лица кои Основното јавно обвинителство ги гони за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, во врска со настаните во Собранието од 27 април годинава.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска рече дека времето на спектакуларни акции и правење филмови за јавноста завршило.

„Јас можам да констатирам со задоволство дека оваа акција којашто е спроведена и сите идни акции нема да се случуваат на таков начин и нема да правиме ексклузива, бидејќи пред се презумпцијата на невиност е најзначајна. Тврдам дека целата оваа постапка е спроведена исклучиво врз основа на Законот за кривична постапка и врз основа на сите подзаконски акти и стандардни оперативни процедури коишто се однесуваат на постапувањето на полициските службеници во вакви случаи“, изјави министерот Спасовски.

Во меѓувреме, Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција на Основниот суд Скопје 1, Скопје ги прифати жалбите на Основното јавно обвинителство за гонење на кривични дела од областа на организираниот криминал и за тројца осомничени за упадот во Собранието, за кои беше определен куќен притвор и одлучил да им изрече потешка казна, односно го преиначил решението и го испратил во истражниот затвор во Шуто Оризари.

Во текот на денешниот ден Кривичниот совет треба да одлучи по жалбите и за другите обвинети за кои ОЈО бара притвор, а не куќен притвор, како и за жалбите на дел од притворените кои бараат да одат од Шутка во домашен притвор.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG