Достапни линкови

Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ извесен, неизвесно е кој ќе дојде


Архивска фотографија - Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово.

Седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ траела до раните утрински часови, а одлучиле конгресот за избор на претседател да се одржи викендов. Потписниците на иницијативата со која се бараше одложување засега немаат реакција.

Потписниците на јавното писмо со кое бараа одложување на конгресот за избор на претседател на ВМРО-ДПМНЕ, засега не ја коментираат вчерашната седница на Извршниот комитет на која нивната иницијатива не доби поддршка.

Седницата што започна вчера доцна попладне траеле повеќе од осум часа. Состанокот на партиското раководство завршил околу три часот по полноќ, а првата вест од извршниот комитет стигна околу пладне. Во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ се наведува дека Извршниот комитет дискутирал и во врска со јавно објавената иницијатива од страна на повеќемина актуелни и поранешни функционери.

„Иницијативата објавена во медиуми не доби поддршка од Извршниот комитет кој одлучи истата да не ја предложи на денешната седница на Централниот комитет на партијата. Извршниот комитет ја разгледа и информацијата околу подготовките за одржување на Вонредниот 16 Конгрес кој ќе се одржи на 22 и 23 декември во Валандово“ пишува опозициската партија.

Од педесетемината потписници на писмото, тројца се и членови на Извршниот комитет- Антонијо Милошоски, Илија Димовски и Дијана Трнталовска. Ова партиско тело има 32 члена, а по подновувањето на составот летово, во него влегоа голем дел нови имиња што во дел во јавноста се посочуваат како послушници на досегашниот претседател на партијата Никола Груевски.

Од она што засега се знае е дека подоцна попладнево ќе се одржи Централен комитет на партијата. Ова тело има повеќе од 130 члена и во него се претставници на општински комитети, извршниот одбор, раководството и други партиски тела. Според соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, откако Извршниот комитет ја разгледал и усвоил анализата за одржаните локални избори на која што изминатиов работел поширок тим, денеска таа ќе била презентирана на состанокот на Централниот Комитет.

На него веќе треба да се знаат и кои се кандидатите за претседател на партијата бидејќи рокот истекува денеска во 15 часот. Од ВМРО-ДПМНЕ не можеа да презицираат кога точно ќе ги објават имињата на кандидатите, бидејќи требало правната комисија да ги разгледа и да ги потврди потписите на делегатите. За да некој се кандидира за претседател, според статутот на ВМРО-ДПМНЕ мора да има најмалку 30 потписи од делегатите на конгресот.

Но, засега останува неизвесно кој се ќе се кандидира. Очекувањата се дека најсигурен кандидат е генералниот секретар Христијан Мицкоски, кон кого и се насочени обвинувањата за вршење притисок врз делегатите.

Вчера, неколку часа пред одржувањето на состанокот на Извршниот комитет, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во заминување, Никола Груевски ги отфрли наводите за притисок и коментирајќи го барањето изнесено во јавното писмо, нагласи дека за колективно претседателство требало промена на статутот на партијата и одржување посебен конгрес, а на потписниците на писмото им посочи дека на Централниот комитет на кој се одлучи за вонредниот конгрес никој не дал никаква забелешка или противење за датумот на одржување на Конгресот или бројот на делегатите.

На ваквите забелешки пред состанокот на Извршниот комитет одговори Илија Димовски, еден од потписниците на писмото. Тој рече дека гласале за одржување на конгресот во декември, но во меѓувреме добиле информации за нефер и недемократски избор меѓу кандидатите, поради што се залагаат за нов датум.

„Многупати досега дававме сугестии и забелешки, но во изминативе две недели нашите барања не беа соодветно третирани“, рече Димовски.

Откако неговото име со недели се споменува во јавноста како кандидат за претседател на партијата тој откри дека нема намера да се кандидира, па и ако конгресот бил одложен.

Неговиот сопартиец Милошоски, кој исто така е потписник на писмото пред состанокот, рече дека на партијата ѝ е потребен кредибилен конгрес за легитимен избор на претседател.

„Новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ без разлика кој и да биде, не треба да ја има хипотеката на претседател марионета. Затоа сметаме дека сите можни недостатоци и сомненија треба да се отстранат пред да се одржи конгрес на кој поширокото членство би дало еден суверен избор“, изјави Милошоски пред седницата на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме бројот на потписи на иницијативата за одложување на конгресот се зголеми и достигна педесетина. Од вчера се потпишани и дваесет нови членови на ВМРО-ДПМНЕ меѓу кои делегати на конгресот, претседател на општински комитет, поранешни пратеници и актуелни како Ванковер Манчев.

Во иницијативата се посочува на вршење притисок врз добар дел од делегатите да се потпишат зад кандидатурата на еден кандидат, користење закани за исклучување од партијата и од органите на партијата на лица кои ќе одбијат да дадат поддршка на едниот кандидат и други притисоци. Другиот кандидат Филип Петровски отворено со денови изјавува дека се работи за генералниот секретар на партијата Христијан Мицкоски, зад кој се тврди дека стоел Груевски. Мицкоски пак деновиве молчи, а пред одржувањето на претпоследниот состанок на Извршниот комитет на партијата беше единствениот од сегашните високи партиски структури кој отворено кажа декане е исклучена можноста тој да седне на претседателското столче.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG