Достапни линкови

Нимиц ќе го „топи мразот“ за името


Архивска фотографија - посредникот на ОН во спорот за името Метју Нимиц во Скопје, јули, 2017.

По три години од последната средба, продолжуваат разговорите за името под покровителство на Обединетите нации со медијаторот Метју Нимиц. Средбата доаѓа во подобрена атмосфера, а двете страни покажуваа добра волја за надминување на проблемот.

Медијаторот на Обединетите нации за прашањето околу името, Метју Нимиц, денеска и утре во Брисел се сретнуваат со македонскиот дипломат, Васко Наумовски и грчкиот дипломат, Адемантиос Василакис, како дел од обидите на светската организација да им се помогне на двете страни за наоѓање прифатливо решение за спорот со името.

Во Брисел, Наумовски ќе го придружува дипломат од МНР, а во ист формат кој е договорен со Нимиц, ќе биде и од грчката страна.

Утре треба да биде одржан заеднички состанок, а медијаторот денеска има одвоени средби со претставниците на двете земји.

Новата рунда разговори доаѓа во период на подобрена политичка клима меѓу Македонија и Грција, но и по оптимистички очекувања од Вашингтон.

Знак за тоа што треба да следи во наредниот период се изјавите на двајцата премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас кои искажаа подготвеност за надминување на овој долгогодишен спор

„Треба да се најде решение кое што ќе биде прифатливо за двете страни“, изјави премиерот Заев за грчките медиуми. Македонскиот премиер Зоран Заев и во изминатиот период изразуваше уверување дека треба да се направи исчекор и оти сега има поголеми шанси од порано да се изнајде решение со Грција

Министерот за надворешни работи Никола Димитров деновиве нагласи дека е многу важно идентитетските прашања да се извлечат од процесот на решавање на спорот за името, бидејќи како што рече така никогаш нема да може да се реши ова прашање.

Премиерот на Грција, Алексис Ципрас, изјави дека во идната година очекува позитивен резултат во врска со спорот со Македонија, доколку Скопје реши да направи позитивен чекор.

„Ако тие се откажат од реториката и изјавите дека се тие единствените потомци на Александар Македонски би можеле да најдеме некое заедничко решение“, наведе Ципрас.

Паралелно со ова и грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас, изминатиот месец изјави дека сака да го реши спорот со името на Македонија во првата половина на 2018 година.

Нимиц неодамна во изјава за медиумите рече дека ќе даде нов предлог кога ќе смета дека е најдобро време за тоа, но оти гледа добра волја за решение кај двете страни, а се надева и дека ќе бидат надминати т.н. црвени линии поставени од Атина и Скопје.

По повод продолжувањето на преговорите под покровителство на Обединетите нации со медијаторот Метју Нимиц професор Беким Кадриу изјави дека очекува на средбите да се „стопи мразот" и дека овојпат ќе бидат надминати црвените линии поставени од Атина и Скопје.

Како што оценува Кадриу атмосферата е позитивна и двете страни покажаа добра волја за продолжување на разговорите

„Оваа средба ќе биде иницијална средба. Ќе се разговара повеќе во правец на методологија на продолжување на разговорите. Внатре не треба да се исклучи дека може да има и конкретни предлози. Но за јавноста ова ќе биде права средба по подолго време. Посредникот ќе се информира за ставовите на двете влади со цел евентуално понатаму да може да даде конкретен предлог во правец на решавање на овој спор", изјави Кадриу

Оптимизам дека спорот конечно може да се реши искажаа и американскиот заменик помошник државен секретар Хојт Ји и еврокомесарот Јоханес Хан.

Eврокомесарот Јоханес Хан во последната изјава рече дека очекува во првата половина на 2018 година да се најде политичко решение со Грција за отворање на преговорите со Македонија за членство во ЕУ.

„Сега имаме прозорец на можности до средината на следната година кога почнува изборната кампања во Грција. Се повеќе се разбира потребата дека политичко решение мора да се најде“, изјави Хан.

Инаку три години се поминати од последната формална рунда разговори на медијаторство на ОН со преставниците на двете земји која беше одржана во Њујорк во ноември 2014.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG