Достапни линкови

Македонија во стратешкиот документ за проширување на ЕУ?


Архивска фотографија - Заев во посета на Брисел.

Македонските претставници очекуваат во Брисел да успеат да издејствуваат вклучување во стратешкиот документ на ЕУ за проширувањето, кој треба да биде издаден на почетокот на следната година.

Дводневната посета на Брисел на македонскиот тим треба да се искористи за да се убеди претседателот на Европската комисија за значењето на Македонија и нејзиното вклучување во стратешкиот документ што го подготвува Брисел за проширувањето и што треба да биде издаден во почетокот на следната година.

Симонида Кацарска од Институтот за европски политики потсетува дека претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер пред некое време изјави дека 2025 е значајна година во која Србија и Црна Гора би можеле да станат членки на Унијата. Македонската страна треба да ги убеди дека доколку се креира група за пристапување, во неа треба да се најде и Македонија.

„Според мене, многу поважни се политичките пораки кои треба да бидат испратени, како за подготвеноста за решавањето на прашањето за името, така и за директно вклучување на решение за Македонија во новиот стратешки документ на Комисијата“, вели Кацарска.

Таа додава дека веројатно ќе се договараат дополнително и клучните реформи за кои се очекува напредок до новиот извештај во април.

Премиерот Зоран Заев за првпат се сретнува со актуелниот претседател на Европската комисија Жан Клод Јункер. На агендата се и средби со претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани, со високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и со еврокомесарот Јоханес Хан. Освен премиерот, во посета на највисоките институции на ЕУ во Брисел се и вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, министрите Никола Димитров и Горан Сугаревски и генералниот секретар на Владата Драги Рашковски.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини, изјави дека Брисел има интерес за членство на земјите од Западен Балкан во Европската унија и дека тоа е поврзано со безбедносни и економски причини.

Заев во Брисел учествува и на дебатата на тема „Македонија и регионот на Западниот Балкан на патот кон членството во Европската унија“, во организација на Центарот за европски политички студии, како и на трибината „Македонија по шарената револуција: Нови можности за успешно пристапување во ЕУ“, во организација на Фондацијата Фридрих Еберт во Брисел.

Поранешниот дипломат Благој Зашов оценува дека средбите во Брисел се значајни.

„Можеби ова ќе даде пресек на тоа до каде е Македонија и ќе се најави дали Македонија во текот на идната година ќе ги започне преговорите за влез во ЕУ“, вели Зашов.

Во февруари 2015, кога тогаш опозицискиот СДСМ почна да ги објавува прислушуваните материјали, претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, ја откажа средбата со тогашниот премиер Никола Груевски, која претходно беше најавена. Образложението беше дека во тој момент не е соодветно да има средба поради развојот на ситуацијата во Македонија.

Претходно Груевски како премиер имал средби со Јункер во различни формати, пред сè на самити и конгреси организирани од Европската народна партија, а се среќавал и со претходникот на Јункер, Жозе Мануел Баросо.

Пред една недела, еврокомесарот за преговори за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан во интервју за австриски весник рече дека очекува во првата половина на 2018 година да се најде политичко решение со Грција за отворање на преговорите со Македонија за членство во ЕУ.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG