Достапни линкови

Бејли - Борбата против корупцијата бара одлучност


Владеeњето на правото и борбата против корупцијата се клучен и важен тест за овој регион, рече американскиот амбасадор Џес Бејли во своето предавање пред студентите на Факултетот за безбедност. Додаде дека САД остануваат наш партнер и поддржувач кон членството во ЕУ и НАТО

Преку примери кои покажуваат дека корупцијата ја има во секое општество, но дека против оваа појава треба да се бориме со сите сили, американскиот амбасадор во земјава Џес Бејли на студентите на Факултетот за безбедност им порача дека борбата против корупцијата бара одлучност од сите во општеството. Вредностите во општеството се важни. Почитување на владеeњето на правото и борбата против корупцијата се клучен и важен тест за овој регион, рече Бејли во своето обраќање.

„Македонија се наоѓа во пресвртна точка. Земјата каска кон реформите за да го зајакне своите демократски институции и да се врати на јасниот пат кон членство во ЕУ и НАТО. Но, како што се забележува, широко распространетата корупција и слабото владеење на правото ги попречуваат тие напори“, рече Бејли.

Бејли - Борбата против корупцијата бара одлучност
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:30 0:00

Се започнува од индивидуалниот избор, рече американскиот амбасадор, посочувајќи дека секој сам треба да биде пример за тоа како да се победи корупцијата. Многу често, додаде тој, младите се жртви на корупцијата, бидејќи наследуваат расипан систем, нарушена доверба и загубени шанси. Во низата лоши примери за корупција го наведе и случајот со одлуката на членовите на Државната изборна комисија за себе да си изгласаат дополнителна плата по одработените октомвриски избори во висина од четири месечни плати.

„Јас сум државен службеник и го поддржувам наградување на службениците кои покажале повеќе од очекуваното. Но, имам прашање за ова. ДИК е независна агенција. Веројатно оваа одлука е и легална. Но, гласањето се случило зад затворени врати, надвор од очите на јавноста. И за агенција со многу потреби, што тоа зборува за приоритетите на раководството“, праша амбасадорот Бејли.

Потенцирајќи дека нема лесно решение за справување со корупцијата, Бејли ги охрабри македонските граѓани и лидери да работат на зајакнување на правосудниот систем и да демонстрираат одлучност во борбата против корупцијата. Неколкупати повтори дека Соединетите Држави остануваат наш стратешки партнер, кој на патот на македонските евроатлантски интеграции ќе ја дадат соодветната помош и поддршка. На тој пат, Бејли нагласи дека е особено важно да се има и добри односи со соседите и во таа насока го поздрави продолжувањето на процесот за решавање на спорот за името.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG