Достапни линкови

Отворените прашања со Србија ќе се решаваат на пријателски начин


Премиерот Зоран Заев се сретна со српската премиерка Ана Брнабиќ во Белград.
Премиерот Зоран Заев се сретна со српската премиерка Ана Брнабиќ во Белград.

На својата прва официјална посета на Белград, премиерот Заев изјави дека Македонија и Србија имаат партнерски односи и дека Србија е соседот со кој македонските граѓани сакаат да имаат најблиски односи. Двете влади се договориле да одржат заедничка седница кон крајот на февруари следната година.

Односите меѓу Македонија и Србија се партнерски и добрососедски, а евроинтеграциите се надворешно-политички приоритет и на двете земји, изјави македонскиот премиер Зоран Заев по средбата со неговата српска колешка Ана Брнабиќ во Белград. Запрашан за Косово и гласањето на Македонија во УНЕСКО, Заев рече дека Македонија ќе го почитува дијалогот меѓу Белград и Приштина и дека верува оти што поскоро ќе биде најдено решение. Наведе дека тоа ќе биде важно не само за Србија и нејзината европска перспектива, туку за перспективата за целиот регион.

„Она што е договорено помеѓу двете влади, а и на повисоко ниво меѓу претседателите, е дека за секое прашање, независно колку е тоа болно или среќно, секогаш да кренеме телефон и меѓусебно да разговараме, така како тоа го прават пријателите“, изјави Заев.

Зборувајќи за дипломатската криза во Скопје, кога пероналот од амбасадата на Србија беше повикана на итни консултации, Заев рече дека решението било најдено на дипломатски, пријателски начин.

„Претседателот Вучиќ и јас имавме директен разговор во тоа време, веднаш го дефиниравме она што се случи околу амбасадата и најдовме решение коешто им доликува на пријателите. Јас сум многу среќен поради тоа, затоа што и во вакви непријатни околности, пријателите секогаш наоѓаат решение. Тоа е нашата обврска како политичари“, изјави Заев.

Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека се надева оти уште некое време ќе постојат отворени прашања во регионот, но дека е најважно тие да се решаваат преку отворен дијалог.

„Се слушаме релативно често, разменуваме и „смс“ пораки, вие се сеќавате дека веднаш потоа јас го повикав премиерот на посета и тој веднаш прифати. Важно е да имаме дијалог. Не значи дека нема да постојат и понатаму некои отворени прашања, не значи дека нема да има никакви проблеми, но само преку дијалог може да се решаваат конструктивно проблемите и мислам дека тој дијалог нема да престане во наредниот период и дека практично ќе се отвориме за некоја нова соработка“, изјави Брнабиќ.

Таа истакна дека е важно никој да не ги става проблемите под тепих и дека постои согласност меѓусебно да се информираат за јавните потези за да може за нив да се разговара пред да се објават во јавност и пред да се случат евентуални тензии.

На пленарните разговори, премиерот Заев и премиерката Брнабиќ, и двете делегации разговарале за интензивирање на некои од заедничките постоечките проекти, како и за соработката на проектите на коридорот 10. Премиерот Заев истакна дека сѐ уште има простор за продлабочување на економската соработка, особено во делот на инвестициите. Наведе дека Србија е третиот трговски партнер на Македонија со годишна размена од околу 723 милиони долари.

Односите беа нарушени со „шпионска афера“ и „дипломатска криза“

Ова е прва официјална посета на Србија на Заев како премиер. Билатералните односи меѓу двете земји се влошија по промената на власта во Македонија. Таквата состојба кулминираше во април годинава со упадот во собранието кога беше присутен и Горан Живаљевиќ, припадник на српската Безбедносно-информативната агенција, чијашто улога се уште не е разјаснета, што доведе до натамошно влошување на македонско-српските односи. Исто така во текот на претседателската кампања во април тогашниот премиер и еден од кандидатите Александар Вучиќ повеќепати го споменуваше терминот „македонско сценарио“ давајќи негативен контекст на политичките промени и доаѓањето на власт на реформски-ориентираната влада.

Повеќемесечната напнатост во односите на двете земји кулминираше кон крајот на август годинава со повлекување на целиот дипломатски персонал од амбасадата на Србија во Скопје поради наводно „агресивно разузнавачко дејствување“ против интересите на Белград.

Тензиите опаднаа после договорот кој Заев и Вучиќ го постигнаа на 23 август во телефонски разговор, во кој се согласија дека во иднина се согласувањата треба да се решаваат исклучиво преку дијалог. Веднаш потоа Заев се сретна со српската премиерка Брнабиќ, а на 31 август српската амбасадорка Душанка Дивјак Томиќ се врати во Скопје.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG