Достапни линкови

Заев и Вучиќ со отворен дијалог за „тајни“ проблеми


Српскиот претседател Александар Вучиќ и македонскиот премиер Зоран Заев
Српскиот претседател Александар Вучиќ и македонскиот премиер Зоран Заев

Во заедничкото соопштение објавено на официјалната страница на владата на Македонија и на претседателот на Србија, се наведува дека Зоран Заев и Александар Вучиќ имале долг и отворен разговор.

Телефонскиот разговор меѓу македонскиот премиер Зоран Заев и претседателот на Србија Александар Вучиќ, како што се наведува во заедничкото соопштение на двајцата политичари, бил долг и отворен, а биле разгледани сите аспекти на новонастанатата ситуација во рамките на односите меѓу двете држави. Заемна согласност, како што е соопштуено, била постигната за пет точки.

Двете страни сите евентуални недоразбирања во меѓусебните односи ќе ги решаваат исклучиво по пат на дијалог, без разлика на различните политички ставови во однос на одредени важни политички и регионални прашања, се наведува во соопштението.

Македонија и Србија заедно ќе се борат за сочувување, но и за унапредување на пријателските релации на македонскиот и српскиот народ, како и граѓаните на Македонија и Србија, е наведената втора точка.

Во однос на економијата пишува дека двете земји ќе вложеле уште поголеми напори за понатамошно унапредување на економските релации и зголемување на трговската размена.

„Република Македонија и Република Србија, во согласност со прописите на меѓународното јавно право и на добра волја и пријателска основа ќе ги заштитат интересите и правата на дипломатските и конзуларните претставништва на сопствената територија“, пишува во заедничкото соопштение.

Во него се наведува и дека Белград и Скопје ќе ја интензивираат меѓусебната комуникација на највисоко ниво и ќе си даделе взаемна поддршка една на друга на патот кон ЕУ и во зајакнување на добрососедските односи, што ќе придонесе кон стабилност на регионот.

Добар начин за решавање на проблемите

До разговорот доаѓа по три дена бурни реакции на релација Белград-Скопје, кои следуваа откако Србија во неделата одлучи да ги повлече сите свои дипломати од Македонија, а во понеделникот тамошниот владино-државен врв тврдеше дека имаат докази за „зајакнато офанзивно разузнaвачко дејствување кон Србија во целина и кон српската амбасада, во кое е присутен и странски фактор“.

Никола Дујовски, професор на Универзитетот Свети Климент Охридски, тоа што се случуваше од неделата досега го нарекува непотребен излет на официјален Белград. Ако имало некаков проблем, за што можеби постојат и индиции, ова е вистинскиот начин на решавање, вели Дујовски, коментирајќи го телефонскиот разговор и тонот на заедничкото соопштение.

„Очекувам дека работите ќе се смират. Ваквите контакти, иако телефонски, сепак се официјални меѓу претседателот и премиерот, па и министрите за надворешни работи, водат кон смирување на тензиите и кон создавање механизам за превенција на вакви случувања“, вели Дујовски.

Во иднина, додава, тој кога ќе се решаваат некакви заеднички прашања меѓу Србија и Косово секако дека ќе бидат индиректно засегнати и соседите на двете земји и за тоа Македонија треба да биде внимателна.

„Србија може да има различни аршини кон соседите, гледате дека Црна Гора стана членка на НАТО, Србија таму има се помало и помало влијание. Станува збор за едно геополитичко и стратегиско однесување кое што понекогаш е погрешно. Токму тоа се случува во односите меѓу Македонија и Србија денес“, вели Дујовски.

Косово - Можно прашање за повторни несогласувања

Српскиот претседател претходно во интервју за Радио телевизија Србија рече дека нема причина за паника и голема грижа, бидејќи никој не сакал судири, ниту ќе ги има, „но ние мора да ја чуваме државата и тоа е наша уставна обврска“.

Односите меѓу двете земји тешко дека ќе бидат на највисоко ниво, туку на пристојно, нагласи Вучиќ кој додаде и дека приемот на Косово во УНЕСКО нема врска со овој потег на Србија, но сепак остана на тврдењето дека знаат оти Македонија ќе гласа за тоа.

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, пак, пред интервјуто на српскиот претседател од Скопје порача дека земјава не е во ситуација да има водечка улога за тоа прашање, но како елементи при градењето на ставот ќе се води пред сè од своите интереси земајќи ги предвид и интересите на Белград и Приштина.

Односите меѓу двете земји веќе извесен период се делумно проблематични. Покрај позициите на Македонија во однос на Косово уште од 2008 година кога власта под раководството на ВМРО-ДПМНЕ ја призна независноста на тогаш новиот сосед, поголеми препукувања се појавија во последниве месеци.

Вучиќ во предизборната претседателска кампања бараше да не се дозволело „македонско сценарио“ по што Заев употреби термин „националистичко раководство на Вучиќ“.

По инцидентите на 27 април односите се затегнаа и поради присуството на српскиот разузнавач во македонското собрание. Српскиот претседател вчера рече дека тој човек не отишол таму сам од себе, туку дека го прашал највисокиот претставник на извршната власта во Македонија. Според него тоа потоа било искористено да се води кампања против Србија дека е во игра со некои големи сили, што немало никаква врска.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG