Достапни линкови

Сите „мијат раце“ за влезот на Живаљевиќ во Собранието


Скопје - Демонстрантите од иницијативата „За заедничка Македонија“ влегоа во Собранието на Македонија на 27.04.2017
Скопје - Демонстрантите од иницијативата „За заедничка Македонија“ влегоа во Собранието на Македонија на 27.04.2017

Безбедносни експерти посочуваат дека во никаков случај српскиот разузнавач не можел да бара ниту да добие дозвола да учествува на настан како што беа насилните случувања во Собранието на 27 април.

Поранешниот советник за безбедност во Амбасадата на Србија во Македонија Горан Живаљевиќ во ниту еден случај не смеел да биде во Собранието за време на крвавите настани на 27 април, без разлика кого информирал или од кого побарал дозвола, коментираат безбедносни и разузнавачки експерти.

Дозволи за присуство на дипломати на места каде што има нарушување на јавниот ред и мир не се даваат, ниту, пак, дипломат може да побара, тврди Љубомир Ѓурчевски, поранешен началник во Министерството за внатрешни работи и магистер по безбедносни науки.

Самото влегување во парламентот вечерта кога се случуваа инцидентите е кривично дело кое го врши и секој граѓанин на Македонија, но и странските дипломати, бидејќи тоа е неовластено, додава тој. Ѓурчевски, презицирајќи дека дипломатите го пријавуваат своето движење во Министерство за надворешни работи, кое потоа ја информира полицијата, но за вообичаени настани на кои планираат да присуствуваат, а не и за вакви случувања.

„Во таков случај, како во Собранието, дипломатите ниту смеат да бидат присутни таму, ниту по некој основ може да побараат дозвола да бидат таму, затоа што имаше вршење на кривично дело - неовластено влегување во државна институција што малтене се смета за пуч“, вели Ѓурчевски.

Приказната со влегувањето на Живаљевиќ во Собранието се актуализира повторно откако српскиот претседател Александар Вучиќ, во екот на дипломатскиот скандал меѓу Скопје и Белград, рече дека тој не отишол таму сам од себе, туку дека го прашал највисокиот претставник на извршната власта во Македонија. Самиот Живаљевиќ потоа прецизираше дека добил одобрение од советникот за безбедност на претседателот Ѓорге Иванов, Синиша Алексовски и дека тој ја знаел причината зошто бил таму и за тоа бил информиран.

За да влезе во Собранието требало да го пушти некој од обезбедувањето таму, а во однос на покривањето на разузнавачките активности надлежна е Агенцијата за безбедност и контраразузнавање, а не Агенцијата за разузнавање од каде што е Алексовски, посочува Стефан Буџакоски, професор на Факултетот за општествени науки, кој исто така има поранешно работно искуство во Министерството за внатрешни работи.

„Живаљевиќ ако има акредитација да презема одредени дипломатски мерки во Македонија, тој може да презема, но мора да ги почитува законите на Република Македонија. Конкретно, за влегувањето во Собранието, без разлика дали некој му дозволил, морало да се пријави кај обезбедувањето на Собранието“, вели Буџакоски.

Според него, покрај собраниското обезбедување, сепак одговорност има Алексовски, кого Живаљевиќ го посочува дека бил информиран.

Во реакцијата од кабинетот на претседателот Иванов, пак, се посочува дека неговиот советник не е овластено лице за пријавување на движење и престој на странски претставници и тој во конкретниот случај постапил согласно безбедносните протоколи, за што изготвил и архивирал извештаи проследени до надлежните претпоставени.

„Фактите говорат дека критичниот ден пред да влезе во Собранието на Република Македонија, Амбасадорот на Република Србија, односно дипломатот не побарал писмена или усмена дозвола од овластено лице и надлежен државен орган, туку откако го завршил дејствието известил за своите активности, со што не може да ја намали одговорноста за неовластен престој во Собранието на Република Македонија“, се наведува во соопштението.

Претходно ВМРО-ДПМНЕ реагираше на изјавата на Вучиќ наведувајќи дека ниту МНР, ниту владата, ниту парламентот, ниту МВР или Агенцијата за разузнавање не добиле барање, ниту дале согласност и одобрение за присуството на српски „дипломатски претставник“ да влезе во македонското Собрание.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG