Достапни линкови

Дачиќ и Димитров се помирија, проблемот остана нејасен


Архивска фотографија: Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ

Се радувам што информациите што ни беа прикажани, ако се точни, не ја инволвираат македонската влада, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров по средбата со неговиот српски колега Ивица Дачиќ во Ниш. Србија претходно обвини за „офанзивно разузнавачко делување“ во кое имало вклучен и странски фактор.

Неодговорени останаа прашањата кој, кога и зошто шпионирал и по средбата меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и на Србија, Никола Димитров и Ивица Дачиќ во Ниш. Тие се согласиле дека темата е деликатна, дека тоа треба да се разреши, но разузнавањето му го оставаат на тој сектор, а тие во рамките на дипломатијата ќе работат за подобрување и продлабочување на односите.

Министерот Димитров вели дека разузнавањето е деликатна работа и како што вели, со таа тема треба да се биде внимателен и да не се шпекулира, оти така може да се направи поголема беља.

„Но, би сакал да кажам две поенти. Прво, допрва треба да се види и да се работи на разјаснување на тие информации. Второ се радувам што тие информации, доколку излезе дека се такви какви што се, ако се точни, не ја инволвираат македонската влада“, рече Димитров.

На состанокот, Дачиќ му ги пренел сознанијата кои ги имале за разунавачки дејствија против Србија во целина и против амбасадата во Македонија, па затоа и го повлекле дипломатскиот персонал од Скопје. Српскиот министер вели дека не сакале нивната земја да биде колатерална штета на глобални политички игри, не сакале Србија да биде вовлечена во немири и дестабилизација на Македонија, па затоа се решиле на таков чекор.

„Важно е ова да биде проверено и во иднина несогласувањата да ги решиме со дијалог. Јас му укажав на мојот колега на сознанијата на нашите безбедносни служби. Тие не се однесуваат на влада како влада, туку на безбедносниот сектор, секако во сето тоа со учество на странскиот фактор“, рече Дачиќ.

Тој рече дека знаат кој странски фактор е вмешан во целата работа, но дека нема да каже, затоа што, како што вели, е насочен кон тоа повеќе да не се случува.

Архивска фотографија: Министерот за надворешни работи Никола Димитров
Архивска фотографија: Министерот за надворешни работи Никола Димитров

Дачиќ очекува премиерот Заев да го посети Белград и додава дека на Македонија од Србија не ѝ се заканува опасност, туку од неа може да очекува само пријателство, додавајќи дека Србија не прави ништо што би го загрозило македонскиот народ, нација и држава.

Српскиот министер вели дека на средбата се заложиле за зајакнување на односите, поддршка на патот кон ЕУ и да дадат придонес кон стабилност на регионот. Што се однесува до безбедносна смисла, очекуваат структури од двете земји да соработуваат и да се штитат меѓусебно, како и да ги штитат дипломатите, сè во интерес на државите во целина.

Министерот Димитров вели дека на, како што рече турбулентиот период, што настана меѓу двете земји ќе гледа како на шанса за подобрување на односите, исто како што од политичката криза сегашната влада изведе поука за тоа колку се важни реформите.

Дачиќ вели дека не разговарале за позиционирањето на Македонија за гласањето во УНЕСКО за Косово, оти сега таа тема како што рече не е активна. Повторно нагласи дека причината за нивниот потег не било тоа прашање. Димитров пак нагласи дека сега е премногу рано да се изјаснат за позиционирањето за УНЕСКО.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG