Достапни линкови

Праснат меур


Марија Грубор, психолог и граѓански активист, основачка на психолошко советувалиште за зависници „Првата Задруга на општествено- културни работници - Психоактив“
Марија Грубор, психолог и граѓански активист, основачка на психолошко советувалиште за зависници „Првата Задруга на општествено- културни работници - Психоактив“

Како здравствени работници сте должни да го проретчите својот нагон за етикетирање на луѓе, зависноста од дрога не е дело на ѓаволот и не се намалува со едно „бог да чува и да брани“, пишува Марија Грубор, психолог и граѓански активист, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Пред некое време од чиста немарност во планинарски дом заработив доста секси изгореница на која се создаде огромен меур и покрај сите ладни облоги, па веднаш штом стигнав во Велес, влегов во аптека за да купам дермазин и стерилна игла, поучена од пријатели што ја имале истата мака.

Младата теткица (читај девојка во средина на дваесеттите години со префризирана коса, тазе насликани нокти и драматична шминка) на пултот ми ги измерка правливата облека, уморното лице и замрсената грмушка на главата, па безизразно ми се обрати со кратко повели.

Културно побарав да ми даде дермазин и медицинска игла.

Како што чепкаше по фиокчињата, теткицата нагло запира, ме погледнува коцкесто, си разменува еден „мамето ваше џаначко“ поглед со колешката во другиот ќош, па се враќа назад со кутивчето со маст в рака.

- Колкава игла, ме прашува „многу“ полека.

- Што знам колкава. Не е битно. Стандардна?

- Ама што ќе ти е игла, со зачудувачки тон ми се обрати аптекарката.

-Па, за да дупнам огромен меур на изгореница без да ја инфицирам. Ми рекоа дека е пожелно да истече флуидот собран внатре. Што знам, сакаш да го видиш меуров, ѝ одговорив.

- Ај, еве ти, нетрпеливо ми тури и една игла во кесичката и ја турна на пултот кон мене на начин кој прецизно вели „не можам веќе да се расправам“.

И добро е што ми ја даде, сум чула оти на други места знаат и да те измаршираат надвор судејќи според твојот личен опис.

Оваа навидум небитна случка всушност е сладок мини-пример за огромната, општо прифатена, но назадна неукост на некои од здравствените работници во Македонија, која повеќе не смее да се толерира, ако не планирате да си ги пакувате куферите (за Германија) во скоро време.

***

Почитувани фармацевт/ки, доктор/ки и медицински сестри, браќа и братучеди, мене не ми е јасно како заборавиле ова да ви го вклучат во официјалното образование, ама еве, несебично ќе ви помогнам да си ја пополните дупката:

Описот на вашата работна позиција не вклучува однесување налик она на домаќинки пред селска бакалница меѓу две репризи од турска серија (без навреда кон истите, алудирам само на фактот дека тие барем не се обврзани да го знаат она што следи). Доколку вашето високо образование е во духот на 60-тите и ви дозволило да поминете низ него БЕЗ да ве информира дека:

Како здравствени работници сте должни да го проретчите својот нагон за етикетирање на луѓе, зависноста од дрога не е дело на ѓаволот и не се намалува со едно „бог да чува и да брани“ и клоцнување на зависниците во уште подлабока отпишаност и мизерија, туку со промислен мултидисциплинарен и структуриран пристап од страна на целото општество (гугл: Португалија или прашај ги Healthy Options Project Skopje), зависноста од психотропна супстанци не е магична појава која може да им се случи само на пропалитетите од деца на третите братучетки на комшиките и доедуцирајте се сами.

Но, да продолжиме.

Со осудување, дискриминација и евентуално оневозможување на стерилна опрема, НЕМА да го намалите бројот на зависници од дроги или да им помогнете на веќе постојните (ако тоа воопшто ви е целта, иако за жал јас верувам дека повеќе би сакале само да ги пикнете сите во мувлосан подрум и да го голтнете клучот), туку само ќе го зголемите ризикот на ширење на ХИВ/СИДА и хепатитис Ц, првенствено меѓу припадниците на таа категорија, а потем и меѓу остатокот од популацијата и ќе придонесете за уште поголемо маргинализирање на оваа категорија на луѓе. Good job.

Ако пробате да ги направите невидливи верувајќи дека тоа ќе придонесе тие да не постојат, а вие да продолжите да живеете во совршен розов меур од сапуница, само го влошувате проблемот.

Ако еден ден тоа ви се случи вам или на ваш близок, тогаш ќе се прашувате каде сите згрешивме додека вртите броеви од манастири откако државата ви покажала еден убав, долг, излакиран среден прст.

Да повториме за следната испитна сесија:

Нареден пат кога вистински корисник/корисничка на дроги ќе влезе во вашата аптека и ќе ви побара стерилни игли, не само што ќе му ги/ѝ дадете, туку и во себе ќе му се заблагодарите на вашиот бог затоа што тој човек е барем свесен за ризиците по своето и туѓото здравје и се обидува разумно да ги намали и покрај тоа што ќе биде принуден со срам да закопа поглед во земја пред вашиот непрофесионален став.

Повелете и друг пат.

Јас, во меѓувреме, ќе продолжам да си ја чукам главата наспроти срамниот факт дека и официјалното образование и општото воспитување во Македонија сѐ уште трубат дека пред авторитет се ведне глава, зависниците од дрога треба да се каменуваат, Македонија се сака со три деца, сексот е за проститутки, абортусот за нелуѓе, а хомосексуалноста е болест што се лечи со електрошокови.

Приватно, поздрав и поправ!

Од една Марија

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG