Достапни линкови

Изборните калкулации не ја загрозуваат владата


Архивска фотографија - Премиерот Зоран Заев и членови на новата влада веднаш по изборот на нов владин кабинет.
Архивска фотографија - Премиерот Зоран Заев и членови на новата влада веднаш по изборот на нов владин кабинет.

Владината коалиција ќе опстане и покрај изборните калкулации и коалиции пред гласањето на вториот изборен круг на локалните избори, иако постои можност за прегрупирање на политичките партии кои се дел од неа. Експертите очекуваат парламентарното мнозинство по изборите да биде зајакнато.

Изборните калкулации за гласањето во вториот изборен круг, пред сè, во општините каде се води битката меѓу партиите од албанскиот блок, според експертите, не ја доведува во опасност владината коалиција. СДСМ застана зад ДУИ во освојувањето гласови за градоначалничката функција во Струга и Гостивар, додека Алијансата за Албанците и покрај тоа што е нивен партнер се здружи со опозициската Беса. Но, НДП и Унитети кои се дел од Алијансата на Албанците соопштија дека ќе ги поддржат кандидатите на ДУИ, а не нивниот коалиционен партнер од Движењето за реформи на ДПА, Зијадин Села кој се договори со Беса.

Политичкиот аналитичар од Факултетот за општествени науки, Митко Гаџовски вели дека очекува по резултатите од првиот изборен круг да има прегрупирања во владината коалиција, односно зголемување на парламентарното мнозинство. Но, секако дека и конечните резултати од изборите, според него, ќе имаат влијание и клучна ќе биде борбата меѓу ДУИ од една страна и Алијансата на Албанците и Беса од друга страна и ситуација е непријатна, особено за СДСМ.

„Меѓутоа однапред беше најавена таа коалиција и поддршка меѓу ДУИ и СДСМ, така што тоа може да ја зајакне позицијата меѓу овие две партии и секако да привлече одредени други политички субјекти кон нивното парламентарно мнозинство. Тука мислам на ДПА како алтернатива за Алијансата на Албанците и одредени други политички партии од етничките заедници кои во моментов се во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ“, вели Гаџовски.

Политичкиот аналитичар Џелал Незири тврди дека по изборите ДПА ќе биде новиот коалиционен партнер во Владата и договорите за тоа почнале уште пред неколку месеци, но не резултирале со успех поради противењето на Алијансата на Албанците. Но, по коалицијата на алијансата со БЕСА таа пречка повеќе не постои и тој услов повеќе нема да важи.

„Можно е да се очекува Зијадин Села да ја напушти владината коалиција токму заради влезот на ДПА во неа. Исто така нов момент е фактот дека Алијансата на Албанците во текот на целата кампања излезе во неколку наврати од тоа што е стратешка определба на оваа Влада и вредностите кои ги промовираше, како и нејзината програма. Мислам дека работите отидоа предалеку и поделбите се продлабочија до таа мера што тешко е да се очекува дека Алијансата на Албанците ќе биде дел од владиниот кабинет“, смета Незири.

Според Гаџовски, сите политички партии особено од етничките заедници им е важно да бидат дел од владината коалиција и за тоа е доказ и изјавата на Села дека не планира истата да ја напушти, иако премиерот Зоран Заев порача дека вратата е отворена за сите, вклучително и за ДПА. Но, како и да е, посочува Незири парламентарното мнозинство нема да биде загрозено, бидејќи освен ДПА во него ќе бидат и независниот пратеник Чедомир Саздовски и останатите пратеници од Алијансата.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG