Достапни линкови

Фокусот врз реформи, а не врз нови избори


Коалицијата „Живот во Македонија“ предводена од СДСМ прослави победа на локалните избори.

Општеството и економијата се заморени од честите изборни процеси. Со евентуални нови предвремени избори, ќе се изгуби дополнително време, а и така веќе се доцни со потребните реформи за опоравување на земјата и за побрзи еевроатлански интеграции.

Македонија нема време за одлагање на реформите, а одење повторно на избори би било целосно погрешен чекор, велат аналитичарите, откако гласањето на локалните избори покажа дека владеачката партијата на централно ниво, СДСМ, доби убедливо поголема поддршка отколку опозициската ВМРО- ДПМНЕ.

И премиерот Зоран Заев деновиве рече дека на поддршката на граѓаните на локалните избори гледа како поддршка за работа, а не за избори. Според експертите, тоа е добар знак дека избори нема да има.

Професор Никола Дујовски вели дека од реформите има многу работи што треба да се завршат заради „оздравување“ на општеството и исполнување на сите зададени задачи во планот 3-6-9.

„Без разлика на резултатите од локалните избори, не е време за предвремени парламентарни избори, зашто Македонија под власта на ВМРО-ДПМНЕ изгуби 11 години, кои неповратно ги одалечија нашите соседи од нас. Одењето на нови предвремени избори ќе значи половина година изгубено време за Македонија. Во тие месеци додека се организираат изборите ние може да станеме и членка на НАТО и да почнеме со решавање на најсуштинското прашање за името, односно да продолжиме со решавањето. Новата влада веќе започна да го решава на средбите што ги има. Сè друго освен избори“, вели професор Дујовски.

Сепак, премиерот Заев рече дека ќе донесе конечна одлука за тоа откако ќе ги слушне мислењата од коалициските партнери и мислењата во неговата партија. Дујовски вели дека партиите нема да имаат придобивки од нови избори и проценува дека во Собранието е многу тешко да се добие квалификувано мнозинство.

„Нема посебна предност да добијат владејачките партии ако одат на избори, затоа што и сегашното мнозинство овозможува носење на законите кои се потребни за евроинтеграции на Македонија. Може неповратно повторно да отиде половина година од мандатот во политички надмудрувања, непотребно да му се даде ветер во грб на ВМРО-ДПМНЕ, и да им се даде можност повторно на граѓаните да се изјаснат за нешто за што се изјаснија во минатиот декември“, вели Дујовски.

Аналитичарот Алберт Муслиу порачува дека проблемот не е само што со изборите ќе се изгуби време за реформите, туку и фактот дека во Македонија кај граѓаните се намалува интересот да гласаат на избори толку често.

„Ако се оди на избори сигурно би биле придобивките повеќе за партиите отколку државата, заморени сме од тие изборни процеси и како општество и како економија. Најприоритетни ни се реформските процеси и планот 3-6-9, зашто влијаат на квалитетот на живот и на ослободување на економијата“, вели Муслиу.

Муслиу дополнува дека за избори секогаш има време, но дека во моментот фокусот на политичките партии треба да биде во остварувањето на стратешките цели кои треба да ја придвижат земјата на нејзиниот евроатлански пат.

„Ако има поместување во спорот за името, ако добиеме отворена покана за членство во НАТО и ако тој процес почне, таа нестабилност и тоа тесно мнозинство во Собранието нема да им пречи зашто покомотно ќе им биде да влезат во тој изборен процес по реализацијата на овие планови“, вели Муслиу.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG