Достапни линкови

Фазлиу - Недомаќинско работење и нерамномерен буџет за празни општински каси


Финансиската нестабилност на општините и зависноста на локалната од централната власт се должи на недомаќинско работење од една страна и на нерамномерно распределување средства од буџетот од друга, вели министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Министре, со овие локални избори се измени политичката карта на локалната власт, но повторно имаме мнозинство на градоначалници кои доаѓаат од партиите кои се дел од централната власт. Како во ваква ситуација ќе се овозможи независност на локалната од централната власт?

Јас мислам дека најбитно е да се надеваме дека народот избра добри, чесни, одговорни градоначалници и да се надеваме дека во централната власт имаме одговорни, чесни, транспарентни функционери, коишто најнапред пред нив ќе го имаат интересот на граѓаните. Кога ќе имаме таква комбинација на луѓе кои ќе раководат со институциите, тоа ќе значи дека нив пред сè ќе им бидат интересите на граѓаните, ќе соработуваат за подобрување на животот на граѓаните и ќе ги остават на страна политичките комбинаторики, ќе се посветат на работата за да успее државата да оди напред.

При вашиот отчет за 100 дена влада како еден од проблемите ја наведовте финансиската нестабилност на општините и зависноста на локалната од централната власт. На што се должи ваквата финансиска нестабилност во повеќето општини во Македонија и како тоа може да се надмине?

Едно е поради недомаќинско работење, а друго е поради нерамномерно распределување средства од страна на централната власт. Ние сега сме во фаза на анализа. Формирана е работна група од сите министерства која треба да ги анализира начинот и методологијата на распределба на дотации и капитални дотации. Кога ќе знаеме точно каде е причината, тогаш ќе најдеме и решение врз база на тие анализи.

Како функционира владината коалиција во која и вие сте дел со оглед на тоа што вие за време на изборите како дел од коалицијата „Алијанса за Албанците“ се здруживте со опозициската Беса со цел поддршка на изборите против кандидатот на вашиот коалициски партнер во Владата, ДУИ?

Ние, политичките партии кои што коалициравме за да ја формираме новата влада, се покажа дека концептот на таква политика победи во Македонија против националистичката политика и граѓаните ја признаа таа политика и на локалните избори масовно гласаа за оваа политика. Јас доаѓам од политичката партија НДП чиј претседател е Весел Мемеди. Ние бевме во коалиција со Зијадин Села, но после парламентарните избори Села формираше нов субјект, односно политичка партија. Тој од тогаш го користи името на коалицијата како име на нова политичка партија – Алијанса за Албанците и на изборите се тркаше само со неговата политичка партија, а ние на изборите бевме заеднички, како што бевме со сите други политички партии во владата и сè уште продолжуваме да функционираме во влада како една коалиција која треба да му стави крај на несериозното функционирање на институциите, која треба да им донесе подобар живот на граѓаните и која треба да стави крај на злоупотребите на институциите.


Целото интервју со министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG