Достапни линкови

Зголемена партиска активност пред вториот круг избори


Седница на Државната изборна комисија (ДИК)
Седница на Државната изборна комисија (ДИК)

Судот ги одби како неосновани најголемиот дел од тужбите поднесени од партиите против решенијата на ДИК за приговорите за првиот круг на локалните избори. Набљудувачите забележуваат зголемена активност пред вториот круг избори.

Управниот суд уважи една тужба од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за подмитување на гласачи на избори за членови на Советот на Град Скопје, на гласачкото место 2461 во Општина Сарај. По добивање на одлуката од Управниот суд, ДИК на седницата во 13 часот треба да се изјасни дали прегласувањето во ова избирачко место ќе има влијание врз изборниот резултат и дали врз основа на тоа ќе има прегласување на ова избирачко место во Сарај.

Како и да е судот ги одби како неосновани најголемиот дел од 28-те тужби поднесени од партиите против решенијата на ДИК за приговорите за првиот круг на локалните избори. Најголемиот дел од нив, односно над 20 беа поднесени од ВМРО-ДПМНЕ. Претходно Државната изборна комисија ги одби сите 46 приговори поднесени од партии и учесници на изборите на 15 октомври.

По исходот од жалбените постапки и приговорите, организациите кои ги набљудуваат изборните активности на политичките партии забележуваат дека од крајот на минатата недела има засилена активност, не само во општините во кои се прегласува, туку и на социјалните мрежи.

„Може да се забележи дека се поинтензивни активностите на политичките партии и повеќе се присутни на терен. Што се однесува до другите специфики и евентуални прекршувања тие ќе бидат соопштени по денот на изборите, кога ја даваме прелиминарната оценка за вториот круг“, изјави Златко Димитриоски од МОСТ.

Инаку постапката на гласање и атмосферата во општините каде што ќе има втор круг МОСТ ќе ја следи со околу 1.000 набљудувачи.

Кампањата за вториот круг од локалните избори поминува со засилена партиска активност, но алармантно е што се забележани случаи на обиди за ограничување на гласачкото право, велат од Цивил. Организацијата апелира институциите да ги истражат овие настани.

„Нотирани се случаи на притисоци во јавните претпријатија и администрацијата на локално ниво. Тие случаи допрва ќе ги објавиме, но е нешто за кое институциите треба сериозно да се зафатат со работа“, вели Џабир Дерала од Цивил.

Организацијата забележува дека кампањата е многу валкана, а оти атмосферата од час во час е се потензична. Дерала укажува дека политичките партии продолжуваат да се занимаваат со национални теми за локални избори, наведувајќи дека тие се насочени кон поделби и тензии и оти има прикриен или отворен говор на омраза кој е насочен кон политичките противници или кон граѓани кои се припадници на одредени етнички заедници.

Исто така организацијата од искуството досега очекува и на вториот изборен круг да има појава на лица кои не се на избирачкиот список и укажува дека тоа е сериозна повреда на правото на глас.

Од Цивил наведуваат дека во недела веројатно ќе имаат над 120 акредитирани набљудувачи за 35 општини за кои ќе се гласа во вториот круг.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG