Достапни линкови

Музеите – центри за помирување на народите


Со низа изложбени и научни активности и во Република Македонија ќе биде одбележан 18 Мај - Меѓународниот ден на музеите. Годинашната тема која ја пропишува Меѓународниот совет на музеите (ICOM) со седиште во Париз и која важи за сите земји, е насловена „Музеите и спорните истории – кажувајќи го неискажливото во музеите“ и се фокусира на улогата на музеите кои, работејќи за доброто на општеството, стануваат центри за помирување на народите.

„Музеите и спорните истории – кажувајќи го неискажливото во музеите“ (Museums and contested histories: Saying the unspeakable in museums) е насловена темата зад која годинава, во пресрет на 18 Мај - Меѓународниот ден на музеите, застана Меѓународниот совет на музеите (ICOM) со седиште во Париз, Франција. Темата се однесува за сите земји членки на организацијата и, како што велат нејзините потписници, се фокусира на улогата на музеите кои, работејќи за доброто на општеството, стануваат центри за помирување на народите. Згора на тоа во неа се апострофира и тоа дека прифаќањето на спорните истории е првиот чекор кон замислување на зедничка иднина во знак на помирување.

Маја Чанкуловска Михајловска, историчарка на уметност и актуелна претседателка на МНК ИКОМ, забележува дека темата на Меѓународниот ден на музеите за 2017 се осврнува на тоа како да се разберат неразбирливите аспекти од спорните истории својствени за човештвото. Истакнува дека таа, исто така, ги поттикнува музеите да играат активна улога во мирното разрешување на трауматските истории преку посредување изразување на различни гледишта и се фокусира на врската помеѓу замислување на иднина која ги надминува табу-темите и води кон подобро меѓусебно разбирање. Од друга страна Чанкуловска – Михајловска дополнува дека ваквата улога не е иницирана или сублимирана само во вака пропишаната тема, туку дека станува збор всушност за улогата на музеите генералното како замисла.

„Не е тоа само некој затворен систем којшто е отворен само за некоја елитистичка публика и тоа само во одреден период и не е само основната улога на музеите денес да собираат, чуваат и презентираат уметнички предмети или дела од различно историско значење“, вели таа.

Историчарката на уметност истакнува дека тие се свесни за стандардите во нашата музеолошка практика и воопшто во музеите и дека тие не можат да се споредуваат со оние во светот, но дека кај нас сепак има и исклучителни примери.

„Ние од една страна сме технички поограничени, меѓутоа од друга страна располагаме со автентични работи коишто навистина преку сите овие нови активности на музеите можат и тоа како да ѝ се презентираат на домашната публика и на тој начин да ја привлечат. Тука се и новите медиуми. Тука е и едукативната улога на музеите, се разбира и маркетингот како една проширена форма на делување на музеите, сè со цел да се презентира една приказна којашто е некаква историска нарација“, вели таа.

Инаку, Маја Чанкуловска Михајловска знае да каже дека кај нас „полека, полека свеста се буди и дека ако порано имаше неколку исклучителни примери за активности во чест на Меѓународниот ден на музеите, сега веќе можеби може да се говори за посериозен пристап и желба за самосвојно вклучување во неговото одбележување“. Како показ за тоа го наведува годинашниот обид на Националната галерија на Македонија малку поинаку да влезе во целата сторија. Ова, според неа, подразбира комплетно отворање на портите на оваа институција и повеќе од респектабилна понуда за ликовната публика. Така во Даут-пашин амам, на 18 мај, со почеток од 12 часот, најнапред ќе биде реализирана едукативна музејска наградна игра „Лавиринт на уметноста“, која патем за прв пат има истражувачки карактер и ќе биде проследена со одбрана музичка програма.

Во Чифте амам, пак, во 19 часот, ќе биде отворена изложбата „Иван Мештровиќ, литографии од Колекцијата на Националната галерија на Македонија“ (ретка можност да се видат повеќе од 20 оригинални литографии од светскиот скулптор, овојпат претставен како цртач и графичар). Изложбата е вклучена и во рамките на манифестацијата „Европска ноќ на музеите 2017“ која ќе се одржи два дена подоцна, на 20 мај годинава.

Еден час подоцна, во Чифте амам е планирано да се случи и отворањето на изложбата „Искушенијата на НИНАВАЛЕ“. Нина Ковачева и Валентин Стефанов се значајни ликовни уметници, кои по потекло се од Република Бугарија, но денес живеат и активно работат во Република Франција и претставуваат ретко успешен пар во современата уметност на меѓународната сцена. Нивниот најнов проект открива плодна симбиоза меѓу две креативни мисли, кои ја задржуваат сопствената индивидуалност креирајќи истовремено една нова индивидуалност и уметниците во проектот креиран за оваа намена користат широк спектар на технички изразни можности како видео, неон, звук, објекти и слично.

Тука е и постановката на апсолвентите од Факултетот за ликовни уметности при Државниот универзитет во Тетово, од класата на професор Решат Амети која ќе се одвива исто така Даут-пашин амам и неодамна отворените Гоце Наневски, „Анатомија на векот“ и „Никола Мартиноски, почетоци 1912-1929“, поместени во Мултимедијалниот центар Мала станица.

Кон ова само уште и информацијата дека Здружението МНК ИКОМ на 19 мај во НУ Национална галерија на Македонија ќе го одржи и советувањето на зададената тема „Музеите и спорните истории - кажувајќи го неискажливото во музеите“ на кое е планирано учество да земат бројни научни работници од земјава, а по неговото завршување ќе биде доделена и наградата „18 Мај - Меѓународен ден на музеите“ за 2016 година. Наедно, во негови рамки ќе биде одржан и Форумот на Синиот штит на кој ќе се дебатира на темата насловена „Минимум опрема за дејство во вонредни состојби во институциите од културата“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG