Достапни линкови

Крвав новогодишен напад во Истанбул


Новогодишен напад во ноќен клуб во Истанбул
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:24 0:00

Новогодишен напад во ноќен клуб во Истанбул

Напаѓач облечен како Дедо Мраз пукал кон луѓето што славеле Нова година во ноќен клуб во Истанбул. Убиени се 39 луѓе, а 69 се ранети. Напаѓачот е во бегство.

Турските власти трагаат по напаѓачот кој синоќа уби десетици луѓе за време на прославата на Новата година во ноќен клуб во Истанбул. Загинаа 39 луѓе, меѓу кои 16 странци, а ранети се 69 лица, од кои четири се во критична состојба, изјави денеска турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу.

Нападот бил извршен во популарниот ноќен клуб „Рејна“ во квартот Ортакој од маж, облечен како Дедо Мраз, во момент кога меѓу 700 и 800 лица славеле Нова година.

Градоначалникот на Истанбул, Васип Шахин нападот го означи како терористички. Нападот почнал во 1:15 часот по полноќ по локално време, кога напаѓачот застрелал полицаец и цивил на влезот, по што влегол внатре и почнал да стрела кон луѓето, кои ја славеле Новата година. За да се спасат голем број од гостите скокнале во ледените води на Босфорот, јавија турски медиуми.

Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот.

Министерот Сојлу рече дека сè уште не е познат идентитетот на напаѓачот. Се верува дека по нападот го соблекол костумот на Дедо Мраз и избегал од клубот во други алишта.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган изјави дека нападот имал цел да предизвика хаос во Турција.

„Тие работат на уништување на моралот на нашата земја и создавање хаос со тоа што овие грозоморни напади намерно се насочени кон мирот на нашиот народ и кон цивилите“, вели Ердоган во соопштение објавено на претседателскиот интернет сајт.

Владата воведе медиумска блокада во врска со нападот, правејќи исклучок само кога се работи за изјави на владините претставници.

Турските власти вчера соопштија дека распоредиле 17 илјади полицајци во Истанбул за обезбедување на празнувањето на Нова година, при што некои од нив биле облечени како Дедо Мраз, а некои како улични продавачи.

Истанбул и главниот град Анкара беа мета на низа терористички напади во 2016 година. Во бомбашки напад пред стадион во Истанбул на 10 декември загинаа 44 луѓе, а 149 беа повредени.

Осуди за нападот

Белата куќа остро го осуди нападот во Истанбул и повторно ја потврди поддршката за Турција во борбата против тероризмот.

Претседателот на САД во заминување Барак Обама изрази сочувство за загубата на невини човечки животи и му нареди на својот тим да им пружи помош на турските власти доколку имаат потреба од тоа, изјави портпаролот Ерик Шулц.

Претседателот, кој е на одмор на Хаваите, бил информиран од советниците за национална безбедност за нападот во Истанбул, во кој загинаа 39 лица.

Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини, пак, на Твитер напиша:

„Нашите мисли се со жртвите и нивните блиски. Продолжуваме да работиме за спречување на оваа трагедија“, напиша таа.

Сочувство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и на семејствата на загинатите им изрази и азербејџанскиот претседател Илхам Алиев.

Прослави под засилено обезбедување се организираа низ целиот свет

Новогодишната ноќ ширум светот беше пречекана под зајакнато обезбедување, пред сè поради тоа што 2016 година беше одбележана со серија напади. Долгата листа на погодени градови ги вклучува Уагадугу, Истанбул, Орландо, Брисел, Багдад, Берлин, Ница. Во многу од нив нападите беа насочени против насобран народ, поради што безбедносните сили стравуваа во оваа новогодишна ноќ. Сепак, луѓето се собраа синоќа на улиците во Азија, Блискиот Исток, Африка, Европа и Америка.

Новата година најпрво стигна на далечните острови на Полинезија и Пацификот, а Оукленд на Нов Зеланд е првиот голем светски град чии жители ја дочекаа 2017 година. Новата година прва стигна и на островите Самоа, Тонга и Кирибати.

Меѓу првите, Новата година ја пречекаа и жителите на Австралија. Повеќе од милион луѓе ја дочекаа Новата година со огномети, кои беа посветени на пејачите Принц и Дејвид Боуви. Седум тони огномет беа лансирани од пристаништето во форма на Сатурн, месечината и ѕвезди во чест на песната „Space oddity“ на Боуви и во спомен на Принц. За новогодишната ноќ беа ангажирани околу две илјади полицајци.

Америка е последниот континент што ќе ја дочека Новата година, поточно жителите на Американска Самоа.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG