Достапни линкови

logo-print

Човекот зад најголемото масовно убиство во САД


Федералното истражно биро соопшти дека човекот кој уби 50 луѓе во еден геј клуб во Орландо, Флорида и телефонирал на полицијата пред да го изврши нападот при што и изразил лојалност на милитантната група Исламска држава. Станува збор за 29 годишниот Омар Матин, роден во САД, со потекло од Авганистан.

Тој е одговорен за најголемото масовно убиство во американската историја, а бил убиен во престрелка со полицијата која влегла во клубот три часа откако го почнал убивањето.

Според полицијата тој носел пушка и пиштол и откако влегол во клубот почнал да пука, по што околу три часа држел неколкумина заложници.

Американскиот претседател Барак Обама го осуди нападот, оценувајќи го за „акт на терор и на омраза“.

„Ние се уште ги проучуваме сите факти. Ова е отворена истрага. Немаме дефинитивен став во однос на точните мотиви на убиецот“, изјави Обама.

Градоначалникот на Орландо Бади Дајер изјави дека биле хоспитализирани 53 лица и оти повеќето биле во критична состојба поради бројот на раните.

Новинската агенција Амак, која е поврзана со милитантната група Исламска држава соопшти дека Матин бил нејзин борец.

Сепак, се уште не е јасно дали тој добивал инструкции и бил обучуван од милитантите на ИД или пак само бил инспириран од екстремистичката идеологија и дејствувал самостојно.

Ние се уште ги проучуваме сите факти. Ова е отворена истрага. Немаме дефинитивен став во однос на точните мотиви на убиецот.

Американскиот конгресмен Адам Шифт изјави дека истрагата не нашла докази за директна поврзаност на Матин со Исламската држава или со некоја друга меѓународна терористичка организација.

Матин е син на мигранти од Авганистан. Тој е роден во Њујорјк но потоа со родителите се преселил на Флорида. Тој работел во приватната фирма за обезбедување Г4С од 2007 година.

Тој во Флорида завршил средно училиште и посетувал два колеџа, а имал и диплома за кривично право.

Бил оженет со Ситора Јусуфи, родена во Узбекистан, која емигрирала во САД.

По неколку месеци тие се раздвоиле, а се развеле две години потоа. Таа изјави дека Матин бил психички нестабилен и често пати ја тепал.

Весникот Вашингтон пост објави дека тој живеел со извесна Нур захи Саман и оти со неа имал тригодишен син.

Имамот Шафик Рахман, од Исламскиот центар во Флорида изјави дека Матин регуларно учествувал на молитвите, но оти со никого на зборувал, ниту пак побарал некаков совет од него.

Таткото на Омар, Седик Матин изјави дека верува оти неговиот син бил мотивиран од омразата спрема хомосексуалците, а не од муслиманската вера.

Од ФБИ соопштија дека Матин бил близок на радикалниот ислам и оти во 2013 и 2014 година била покрената истрага за можните негови врски со терористички организации, но оти не биле откриени докази кои би претставувале некаква закана во тоа време.

Најверојатниот кандидат на Републиканската партија за американски претседател, Доналд Трамп на Твитер напиша дека бил во право кога предупредувал на радикалниот исламски тероризам.

„Она што се случи во Орландо е само почеток. Нашето раководство е слабо и неефикасно“, оцени Трамп кој повика претседателот Барак Обама да поднесе оставка, а Хилари Клинтон да се повлече од претседателските избори.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG