Достапни линкови

logo-print

По нападот во Багдад, решеност за справување со ИД


Пријатели и семејства на загинатите во вчерашниот самоубиствен напад во Багдад се собраа на местото на трагедијата за да им одадат почит на жртвите. Во инцидентот загинаа 126 луѓе, додека над двесте беа ранети. Тоа беше најсмртоносен напад годинава во Ирак, земја која се бори против милитантите на ИД.

Тага и гнев се гледа на лицата на најблиските на жртвите од неделниот напад во багдадското предградие Карада.

Шиити, сунити и христијани заедно палеа свеќи на местото на една од експлозиите.

Во Карада главно живеат шиити, но има и христијанска заедница како и неколку сунитски џамии.

Најмалку четири згради биле сериозно оштетени или делумно урнати, вклучувајќи и еден трговски центар.

„Поголемиот дел од луѓето во зградата имаа по двесетина години. Триста беа ранети. Владата си седи на фотелја и не прави ништо кога станува збор за безбедноста“, вели еден локален жител.

Според изјави на сведоци, дошло до голем потрес откако камион ладилник полн со експлозив бил активиран во трговска зона каде што луѓето купувале за да го одбележат крајот на Рамазанските пости.

„Бевме собрани во оваа улица во Карада и многу луѓе купуваа работи за Курбан бајрам во пријатна атмосфера. Одеднаш се случи огромна експлозија, а потоа не можев да видам ништо. Се беше темно“, изјави еден сведок.

Ирачкиот премиер Хајдер ал Абади го посети местото на експлозијата, а подоцна владата прогласи тридневна жалост во земјата.

Некои официјални претставници велат дека било крајно време различните безбедносни служби во градот да стават крај на нивното ривалство и да почнат да работат заедно.

„Има многу институции за безбедност, а нам ни треба само еден ред“, изјави Мохамед ал Бајд, заменик претседател за сигурност во Локалниот совет на Багдад.

До овој напад доаѓа откако милитантите на Исламската држава се соочија со територијални загуби од страна на ирачките сили, вклучувајќи го и градот Фалуџа, едно од главните упоришта на ИД.

Тоа, според аналитичарите, ги предизвика милитантите да вршат напади во градовите во знак на одмазда. Ирак е погоден од нов бран на насилство откако милитантите на Исламската држава ја презедоа контролата врз делови од северниот и западниот дел на Ирак, во јуни 2014 година.

Во извештајот на Мисијата на ОН за помош на Ирак се проценува дека само во јуни годинава биле убиени над 660 ирачани, а околу 1.460 биле повредени во акти на тероризам.

Овој бомбашкиот напад е трет во текот на минатата недела за кој се одговорни милитантите на Исламската држава.

Претходно имаше троен самоубиствен бомбашки напад на аеродромот Ататурк во Истанбул и напад врз кафуле во главниот град на Бангладеш.

Во понеделникот бомбаш самоубиец загинал, а двајца полицајци биле ранети во експлозија пред американскиот конзулат во Џеда, втор по големина град во Саудиска Арабија.

Напаѓачот го паркирал својот автомобил пред џамијата која се наоѓала на другата страна од конзултатот при што го активирал експлозивот.

Американската Бела куќа ги осуди нападите, нагласувајќи дека тоа само ја зацврстува решеноста на САД за справување со милитантите на ИД.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG