Достапни линкови

logo-print

Хоророт на тероризмот во Ница


Најмалку 84 луѓе загинале, а десетина други се ранети кога едно лице со камион влета со голема брзина во луѓе кои го славеа Денот на Бастиља во Ница, на француската ривиера. Возачот бил 31-годишен французин роден во Тунис. Тој и бил познат на полицијата за кражби и насилство, но не и на разузнавачките служби.

Француските власти соопштија дека возачот на камионот бил застрелан и убиен откако над еден километар возел низ масата луѓе кои претходно го следеле огнометот по повод националниот празник 14 јули, на познатата Променад де Англес во Ница.

Градоначалникот на Ница Кристијан Естроси изјави дека возачот отворил и оган врз луѓето, како и тоа дека во нерегистрираниот 25-тонски камион биле најдени оружје и муниција.

„Ова е најстрашната трагедија во историјата на нашиот град“, изјави тој.

Неколку часови по нападот, десетици тела лежеа на улицата.

Француското обвинителство покрена истрага за тероризам.

Новинските агенции јавуваат дека немало друг напад откако се слушнале гласини дека во дел од Ница имало и заложничка драма.

Францускиот претседател Франсоа Оланд изјави дека е јасно оти станува збор за терористички напад, трет во Франција во изминативе 18 месеци.

„Франција е потресена од она што се случи, од оваа монструзност“, рече Оланд во телевизиското обраќање до нацијата.

„Решив вонредната состојба, која требаше да заврши на 26 јули да биде продолжена за уште три месеци“, рече тој.

Оланд потенцира дека ништо нема да ја поколеба Франција во борбата против тероризмот и најави дека ќе ги зајакне француските операции во Сирија и Ирак.

„Ќе продолжиме да удираме токму врз оние што не напаѓаат во нашата сопствена почва, во нивните скривалишта“, рече Оланд.

Пред осум месеци групата Исламска држава уби 130 луѓе во Париз во најкрвавиот од неколкуте терористички напади во Франција и Белгија во изминативе две години.

Но, за време на едномесечното Европско фудбалско првенство што во Франција, и покрја страхувањата, немаше поголеми инциденти, освен оние со фудбалските навивачи.

Напади со камиони во изминативе години најчесто изведуваа изолирани членови на милитантни групи.

Тоа особено е изразено во Израел иако не со толку катастрофални ефекти.

Франција мобилизираше дополнителни безбедносни сили за време на прославата на Денот на Бастиља.

Приближно над 11,5 илјади полицајци и војници беа ангажирани за традиционалната воена парада во Париз.

„Ниту местото, ниту датумот не се случајни“, вели францускиот екс разузнавач Клод Моник.

Американскиот пртетседател Барак Обама го осуди нападот во Ница и изрази солидарност со Франција.

„Во името на американскиот народ, најостро го осудувам она што изгледа како ужасен терористички напад во Ница“, се наведува во соопштението на Белата куќа.

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск го осуди нападот.

„Трагичен е парадоксот што цел на нападот во Ница беа луѓе кои ги славеа слободата, еднаквоста и братството“, напиша Туск на Твитер.

Советот за безбедност на Обединетите нации во острата осуда наведува дека тоа е варварски и кукавички терористички напад.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG