Достапни линкови

Осуда на нападите во Брисел


Според извештаите на бриселските медиуми, над 34 луѓе загинаа, а над 180 се ранети во, како што премиерот Шарл Мишел изјави, двата слепи, насилни и кукавички напади врз аерoдромот и метрото во Брисел. Мерките за безбедност се засилени во Европа, а европските лидери го осудија нападот и изразија солидарност со Белгија.

Во Белгија заканата од тероризам е подигната на највисоко ниво а во Брисел се распоредени дополнителни сили за безбедност. Аеродромот и целиот јавен превоз е затворен. Белгискиот кризен центар ги советуваше граѓаните да останат таму каде што се наоѓаат. До персоналот на европските институции е испратен совет да останат дома или да не ги напуштаат работните места.Знамињата на овие институции се на пола копје. Нивото на безбедноста е подигнато на сите европски аеродроми.

Како што јавија белгиските медиуми, експлозиите на аеродромот Завентен одекнале во терминалот за заминување.

Аеродромот веднаш беше затворен за летови, како и железничкиот транспорт кој води кон аеродромот. Овие експлозии доаѓаат по апсењето на Салex Абдeслам во Брисел.

Тој е првообвинет во случајот за ноемвриските напади во Париз кога беа убиени 130 луѓе.

Европа - зголемена безбедност по експлозиите во Брисел

Британскиот премиер Дејвид Камерон свика итна седница на кризниот штаб „Кобра“ поради експлозиите во аеродромот и метро во Брисел. Состанок на главните министри за безбедност на француската влада свика и претседателот на Франција Франсоа Оланд. Холандската полиција, пак, ги засили контролите на границата и аеродромите. Се јавува дека слични мерки на безбедност се преземени на сите европски аеродроми. Американската Еф Би Ај пак, соопшти дека се координира со белгиските служби за безбедност во врска со нападите.

Европските лидери го осудија нападот во Брисел

Овие напади се уште едно ниско ниво на терористите во служба на омразата и насилството, изјави претседателот на Европскиот совет Доналд Туск. На овие напади треба одлучно да се одговори, порача германската канцеларка Ангела Меркел. Американскиот претседател Барак Обама ги осуди „срамните напади врз невини луѓе“. Шведскиот премиер порача дека никогаш нема да се прифати нападот на терористите врз демократска Европа. Портпаролот на Кремљ Димитриј Песков изјави дека претседателот Владимир Путин силно го осудува овој „варварски криминал“. Руското Министерство за надворешни работи, пак, соопшти дека западната политика на двојни стандарди доведе до терористички напад.

По овие терористички напади во Брисел е регистриран пад на акциите на светските берзи, а пораст е забележан на вредноста на златото и владините фондови.

  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG