Достапни линкови

ДУИ со сопствен претседателски кандидат


Од ВМРО ДПМНЕ велат дека тоа покажува дека меѓу нив и ДУИ немало никаков таен договор

Недобивањето на поддршка кај македонскиот политички блок следниот претседател на Македонија да биде Албанец, е главната причина поради која Демократската унија за интеграција се одлучила да учествува со свој претседателски кандидат на претстојните избори. Вака потпретседателот на ДУИ, Рафиз Алити го објаснува последниот потег на оваа партија.

„Секако дека тоа беше главната причина заради која ДУИ одлучи оди со сопствен кандидат. Секако дека многу нешта ќе се менуваат посебно по првиот круг.“

Дали тоа значи дека Дуи нема да го поддржат претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорги Иванов во вториот круг од изборите? Алити не сакаше да каже.

„Прво да почекаме на првиот круг. Битен момент за нас ќе биде со каква политичка платформа ќе настапат кандидатите кои ќе бидат во вториот круг.“




А еве ја првата реакција на ВМРО-ДПМНЕ на последната одлука на ДУИ

„ВМРО ДПМНЕ не би го коментирал тоа. Но со оваа одлука на ДУИ ,,паѓаат во вода“ сите шпекулации и конструкции на СДСМ дека имало некаков таен договор меѓу ДУИ и ВМРО ДПМНЕ.“

Изјави портпаролот на оваа партија Александар Бичиклиски. Но дел од експертите се сомневаат дека симпатизерите на ДУИ ќе застанат зад кандидатурата на Иванов. Причината вели политикологот Хисен Рамадани се некои од последните изјави на премиерот Груевски, кога тој рече дека не постои договор со кои се гарантира дека на следниот претседател ќе биде Албанец.

„После оваа албанофобична изјава на Груевски сега би било голем ризик за ДУИ или за било кого, да го поддржи нивниот кандидат.“

Одлуката албанските партии да излезат секој со свој претседателски кандидат на изборите не значи поголема моќ на албанскиот политички блок, смета Рамадани.

„Грешат ако мислат дека со тоа се факторизираат. Да имаат здрав разум би останале со еден кандидат, а кој сака нека гласа, немора да го поддржат јавно, но граѓаните ќе си одлучат.“



За аналитичарот Владимир Божиноски пак од институтот за демократија последниот развој на настабните само значи дека нема да се добие претседател во првиот круг на изборите.Според него лутината на ДУИ е непоправдана, поради неможноста како што вели да се гарантира нешто што ќе се случува по пет години.

„Не се знае колку ќе биде силата, моќта на овие две партии за пет години.“

На вчерашното претсдеателство ДУИ го избра Агрон Буџаку за свој претседателски кандидат, ДПА ја избра професорката Мируше Хоџа. Претходно својата кандидатура ја објави лидерот на Нова демократија Имер Селмани, а ПДП пак ќе сеобира потписи за основачот на партијата Невзат Халили.
XS
SM
MD
LG