Достапни линкови

Што се ќе биде потребно за враќање на довербата и заживување на економијата?


Во обид да се ублажат последиците од светската економска криза, неколку земји веќе ги објавија владините економски програми за спас од кризата. Неделава Соединетите Држави и Велика Британија ги презентираа плановите што би им ја вратиле куповната моќ на потрошувалчите, а компаниите би го продолжиле својот бизнис. Ова отвора уште едно прашање, што се ќе биде потребно за повторно да заживее глобалната економија?

Во многу земји економиите се толку интертни што експертите сметаат дека им е потребен шок за да се вратат во живот. Но кој има таква моќ да го направи тоа? Постои само еден одговор-владите. Италијанскиот премиер Силвио Берлускони минатата недела изјави дека државната помош која порано се сметаше за грев, сега е повеќе од неопходна. Овие зборови се изненадувачки кога доѓаат од тајкунот на слободниот пазар Берлускони. Но тој не е единствениот лидер кој ја напушти идејата дека пазарната економија, оставена сама на себе, може да преживее. Деновиве американската влада соопшти дека ќе потроши 800 милијарди долари за да го помогне функционирањето на банките кои би можеле повторно да им даваат заеми на потрошувачите. Целта на програмата е да се овозможи производите да продолжат да се произведуваат, купуваат и продаваат. Програмата вклучува купување на милјарда долари хипотекарни долгови од банките како и заеми на банките во замена за нивната способност повторно да даваат кредити. Американските медиуми јавуваат дека Централната банка на Соединетите Држави соопштила дека ќе испечати колку што може повеќе пари за да почне процесот на позајмување, трошење, купување на добра итн.

Планот на Соединетите Држави следува откако Британската влада соопшти дека ќе се обиде да ја обнови економијата преку намалување на даноците на производите, со тоа што ќе ги направи поефтини за потрошувачите. Аналитичарот Хауард Вилдон од Лондон вели дека надевајќи се дека оваа стратегија ќе проработи, Велика Британија ќе направи огромен трошок

,,Ние и порано бевме во долгови, а сега ќе видиме дека долгот на Велика Британија ќе порасне до трилион фунти, пред да почнат да се чувствуваат ефектите од владините мерки. Тоа е огромна цифра. Тоа ќе биде најголемиот долг на Обединетото кралство по Втората светска војна,"

вели Вилдон.

Во меѓувреме и Европската комисија го презентираше планот од 200 милијарди евра за сите 27 земји членки на Унијата. Тој треба да биде одобрен на следниот самит на Унијата во декември.

Сите овие активности имаат една цел, а тоа е можност владата да се однесува како краен играч кој треба да овозможи продолжување на економската игра дури и кога останатите играчи ја губат довербата.
Сепак, новиот начин на државна интервенција е и доста критикуван, посебно од оние кои ја поддржуваат идејата за мала и незабележителна улога на владата во економскиот живот.

Лидерот на републиканското малцинство во американскиот конгрес, Џон Бохнер деновиве изјави дека американскиот народ знае оти трошењето на официјален Вашингтон не е вистинскиот одговор на кризата.

Во меѓувреме, прашањето дали државната интервенција навистина може да ја врати во живот глобалната економија останува и понатаму отворено. Економистите велат дека е рано да се каже. Но многумина веруваат дека стимулативното трошење е единствениот начин да се избегне рецесија па дури и депресија, кога бизнисите пропаѓаат, а луѓето остануваат без своите работни места. И се додека се забележува економски раст, ќе постои надеж дека владата ќе успее да ги собере парите што сега ги троши за да ја одржи стабилна економијата. Засега сите се согласуваат дека каква и да било интервенција која се презема од страна на владата треба да биде внимателно одбрана и менаџирана.
XS
SM
MD
LG