Достапни линкови

Хрватските грaѓани и еколошките здруженија се противат на идејата


Противењето за изградба на нуклеарна електрана на Дунав, во близина на Осијек, хрватските граѓани го искажуваат преку потпишување на петиција. Можноста за изградба на нуклеарна централа во Хрватска неодамна ја најави премиерот Иво Санадер, кој истакна дека со оглед на светската енергетска криза, земјата би требала да размислува за нуклеарна опција. Се споменува можноста дека нуклеарната централа би се градела заедно со Србија.

Иако сеуште нема официјални најави дека хрватската нуклеарна централа би можела да се гради на Дунав, првите штети тамошните локални власти веќе почнаа да ги чувствуваат. Имено, еден од најголемите хрватски винопроизводители Ервен Моралиќ го откажал веќе потпишаниот договор со локалните власти за купување на виноградите во овој регион, по најавите дека во близина би можела да се изгради нуклеарна центрла. Началникот на тамошната општина Јован Јелиќ вели:

„Имам информација дека г-динот Моралиќ кој пројавуваше интерес, едноставно рекол дека сега тоа не го интересира. Верувам дека такви реакции можеме да очекуваме и од некои други потенцијални инвеститори во овој регион.“

Хрватските власти сепак се таинствени околу намерите за изградба на нуклеарка на Дунав, каде имено кон крајот на осумдесетите години биле извршени значителни истражувања. Во Хрватското Електростопанство негираат дека се започнати подготовки за изградба на нуклеарката, но на прашањето дали таа сепак е во план портпаролот Радомир Милишиќ вели:

„Евентуалните нуклеарни опции ќе зависат од резултатите од работата на државните тела кои работат на енергетската стратегија на Хрватска.“

На затвореност за информации од државните институции се жалат и претставниците на Зелената листа на Хрватска. Неофицијално се зборува дека изградбата на нуклеарната централа на Дунав, со оглед на тоа дека би била сместена на самата граница, би можела да се гради во соработка со Србија. Со тоа би се избегнало евентуалното противење на Србија, нуклеарната електрана да биде сместена на границата. Власта Тот од хрватската Зелена листа не верува во тоа:

„Јас не верувам во такво нешто. Доколку Хрватска влезе во таков проект, мислам дека овој пат ќе оди сама имајќи го предвид негативното искуство со двојното државјанство на нуклеарката во Кршко во Словенија.“

Но, и некои најави кои доаѓаат од Србија дека и оваа држава се подготвува за изградба на нуклеарна централа, меѓу еколошките здруженија во Хрватска и Србија предивика сомневање дека станува збор за голем меѓудржавен проект кој ќе има финансиска подршка од меѓународните институции.
XS
SM
MD
LG