Достапни линкови

Преговорите мора да продолжат со разумна политика, а не со националистичка политика сметаат експерти


Преговорите за името со Грција треба да продолжат со водење на разумна политика со аргументи, оценува стручната јавност. Во оваа фаза од преговорите Македонија треба да настапува со интензивни комуникации во Меѓународната заедница, вели проф. Димитар Мирчев:

„Треба да објаснуваме дека нашиот национален културен историски политички идентитет е на страна на голем аргумент во нашите предлози за решавање на спорот со името и тоа меѓународната заедница може да го разбере.“

Мирчев смета дека доколку дипломатските средства се покажат како неуспешни, а меѓународната заедница притиска на решение кое не е во наша корист, преговорите треба да се прекинат. Не треба да се бара оправдување и да се оплакува судбината, туку да се најде начин како во таа комплицирана и хаотична политика да се направат вистинските потези, вели политичкиот аналитичар Ризван Сулејмани

,,Огромни средства беа потрошени две години во изнаоѓање на историски факти, а тоа неможе да биде главен аргумент. Главниот аргумент во Македонија треба да покаже дека ние извезуваме рационална и паметна политика, а не голема историја.“

Дали на грчкиот национализам треба да се одговори на ист начин? Експертите се поделени. Дел од нив сметаат дека каков било националистички испад од македонска страна не е во наша корист.

„Никако не со националистички испади, тие додуше и досега ги немало многу кај нас за разлика од грчката страна. Меѓутоа имаше некои инциденти кои фрлаат неповолно светло на нашата политика и кои ни се непотребни.“

Според други пак не може да се очекува релаксирана политика од една страна, ако другата применува националистички мерки.

,,Еден национализам го храни вториот национализам. Сега прашање е кој повеќе тоа го форсира, но факт е дека тој национализам кај десно ориентираните влади опстојува колку тие и да се напаѓаат еден со друг.“

вели Сулејмани.
На новата рунда преговори во Њујорк, според најавите, не се очекува нов предлог од медијаторот Нимиц, туку треба да бидат прецизирани позициите на двете страни и да се разгледаат идеи и сугестии во врска со натамошниот преговарачки процес.
XS
SM
MD
LG