Достапни линкови

Недела со помалку инциденти, Шеќеринска „фрли ракавица“ за ТВ дуел, одговор нема


Одбројувањето почна. Останува уште една недела кампања, која на многумина веќе им збоктиса и ако поради ништо друго, само за тоа одвај чекаат да дојде денот на гласањето. А втората недела од партиските агитации мина во нешто помирна атмосфера, иако одвреме навреме имаше инциденти, колку да се потврди дека кај нас избори и свадба не одат без пукање. Меѓународните претставници во континуитет бараат мирен изборен процес, казнување на виновниците за нерегуларностите, но и тие се свесни дека и тоа што досега се случуваше е доволно за не многу поволна оценка. Можеби затоа и американската амбасадорка побара изборите да бидат барем како оние во 2006-та.

„Ако овие избори се полоши, ако има повеќе насилство, заплашување, или луѓето се чувствуваат небезбедно кога одат да гласаат, и ако има проблеми на денот на изборите, тоа нема добро да се одрази врз Македонија.“

А освен стандардните препукувања меѓу партиите од албанскиот блок дека оние другите се виновни за се што не чини, слушнавме и вакви обвинувања

„ДПА воедно и Албанците во Македонија се судираат со Белград, Москва и источната политика и нивните експоненти во конретниов случај, Фазли Велиу.“

Она што е релативно невообичаено кај албанските партии, кои главно се фокусирани врз теми од политичко- национален карактер, се ветувањата од областа на економијата

„Придонесите од бруто платите ќе се намалат од 32 на 20 насто. Очекуваме раст на БДП од 6 до 8 насто. Очекуваме сто илјади нови вработувања за период од четири години.“

Кај македонските партии, пак, преовладуваат ветувањата: ние ќе направиме се, другите ве лажат само за да ви ги земат гласовите. Имаше и хумористично- сатирични настапи. Лидерката на опозицијата му ја фрли ракавицата на актуелниот премиер за ТВ дуел. Одговор нема.

„Дури и оној кој го сметаат дека е прв војвода, избега од женски фустан.“

Тоа некако се совпадна со периодот кога премиерот имаше здравствени проблеми и не се појавуваше на неколку митинзи.

„Ме немаше два дена, малку да здивнам, па еве ме пак назад.“

И додека ние се забавуваме со предизборни финти и надитрувања, во Европа денеска ќе се бира земјата која ја пее најдобрата песна за годинава. Кај нас изборот се сведува на два главни хита, а тоа се партиските химни, кои ги слушаме секоја вечер од митинзите.
XS
SM
MD
LG