Достапни линкови

Цените се повисоки од лани, се жалат граѓаните


Шаренилото од бои на еден од градските пазари ја најавува богатата сезонска понуда на овошје и зеленчук. А таму, на пазарот -вообичаената раздвиженост. Продавачите се обидуваат да ги продадат своите производи по цената што ним им одговара, а купувачите како по обичај бараат поефтино. Граѓаните кои ги прашавме велат дека годинава цените на земјоделските производи се многу повисоки и оти барем засега не забележуваат нивно опаѓање.

„Поскапо е, се поскапо, јаболки 80 денари, ништо нема поефтино.“
„Ништо, се е поскапо. Зимно време јадеме јаболки, сега ниту цреша, ниту јаготка сме земале. Ако имаш дома, да скинеш, некој да ти даде, да каснеш, ако не тоа е.“
„Осумдесет насто се прекупувачи, тие гледаат да спечалат.“


Дел од продавачите пак велат дека не планираат да ги намалат цените. Побарувачката на моите производи ја диктира цената по која тие ќе се продаваат, вели еден произведувач на домати и пиперки.

„Што повеќе се бара, повеќе се троши“

Други пак признаваат дека се принудени да ги намалат цените, доколку не сакаат да се расипат производите од високите температури.

„Ќе поднамалиш ако сакаш да продадеш, инаку во канта треба да ги фрлиш производите. Колку толку за леб ќе се извади.“

Токму земјоделските и прехранбените производи имаат најголемо влијание врз формирањето на вкупниот индекс на цените, објаснува проф. Душан Велковиќ. Според него, очекувано да се намали стапката на инфлација, доколку се намалат цените на земјоделските производи во наредниот период.

„Сега ќе падне инфлацијата, што се однесува на зеленчукот, овошјето ќе стои, но набргу ќе престанат јаболките да се продаваат, според тоа ние нема да имаме наше овошје, а цените на јужното овошје беа на доста ниско ниво така што не може да се очекува ова да влијае негативно.“

Според последните статистички податоци, цените на речиси сите земјоделски производи на зелените пазари и пазарите на големо, во април годинава се повисоки во однос на истиот месец лани.
XS
SM
MD
LG