Достапни линкови

Можен е недостаток на струја за големите потрошувачи во случај на ембарго од Србија


Во случај на енергетско ембарго од Србија како резултат на признавањето на Косово можни се непредвидливи ситуации во снабдувањето со електрична енергија проценуваат експертите.

Намаленото производство електрична енергија кое МЕПСО го изрази преку барањето до ЕЛЕМ и до ЕВН-ЕСМ да достават ревидирани електро-енергетски планови за годинава не е сигнал за загриженост, сметаат некои од експертите во сферата на енергетиката иако не исклучуваат непредвидливи ситуации. Од ЕВН денеска потврдија дека ваков план е веднаш доставен до МЕПСО, но дека тој не содржи никакви измени во однос на претходниот затоа што зголемената потрошувачка на електричната енергија во почетокот на годинава како што наведе МЕПСО не е значителна, вели портпаролот на ЕСМ-ЕВН Ленче Карпузовска:

„Нашиот одговор се сведува на фактот дека зголемената потрошувачка за четири проценти е во разумни граници.“

МЕПСО во своето соопштение од вчера како причина за потфрлањето на производството на струја го наведува помалиот доток на вода во хидроакумулациите што довело до тоа хидроцентралите да произведат за 52 гигават часови или 37 насто под планираното во електроенергетскиот биланс за 2008-та. И покрај смирувачките тонови, сепак прогнозите на професорот од електротехничкиот факултет Константин Димитров не исклучуваат дека ваквата состојба заедно со опасноста која доаѓа од Србија поради најавеното енергетско ембарго по евентуалното признавање на независноста на Косово, би можело да ја узложни сосотојбата со снабденоста со електрична енергија.

„Ние можеме да ја покриеме потребата на домаќинствата, што е основно, може да се јави проблем за транспорт на електрична енергија за големите потрошувачи, тука може да се јави проблем. Но, домаќинствата нема да страдаат, барем мојата проценка е таа, се може да се случи, да се расипе далновод или електрана и може да се јави кнап малку,“

вели Димитров. Како решенија стојат увозот и ТЕЦ Неготино изборот ќе го направат економските фактори. До блокадата од Србија професорот Димитров се надева дека нема да дојде иако не исклучува тоа инцидентно да се случува под образложение за евентуални дефекти. Во таква ситуација професорот Димитров упатува на алтернативите:

„На 1 јуни влегува во погон далноводот кон Бугарија, е сега до први јуни да се издржи.“

додава професорот Димитров.
XS
SM
MD
LG