Достапни линкови

Расправата во знакот на префрлања меѓу власта и опозицијата кој направил поголем компромис


Во согласност со договорот којшто беше постигнат на последната средба меѓу лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, пратениците ги изгласаа законот за комитетот за односи меѓу заедниците, законот за советот на јавни обвинители и законот за јавното обвинителство. Повеќето пратеници велат дека ги поддржале законите, бидејќи се работи за закони чие донесување е еден од условите за влез на Македонија во НАТО и во Европската Унија, иако од Либерално-демократската партија посочија дека е контрапродуктивно да се носат закони за кои не се расправа во Парламентот.

„Денеска се ,,закопува“ парламентарната демократија во Македонија. Да, договор треба да има, но во тој договор г-дине претседателе на Собранието, треба да се најде вистинското место на Собранието на Република Македонија.“

Изјави Андреј Жерновски од Либералдемократската партија.
На донесувањето на законот за јавно обвинителство му претходеа повторни препукувања меѓу пратениците на власта и опозицијата, кои се обидуваа да докажат чива е заслугата за постигнувањето компромис на лидерската средба и деблокирањето на политичкиот дијалог по осум месеци:

„Треба да си признаваме едни на други за она што го постигнуваме заедно, а не да се припишува само на еден.“

Изјави Цветанка Иванова од СДСМ. По ова реагираше Трајко Велјановски од владејачката ВМРО-ДПМНЕ:

„Да не ги отвараме работите, и не треба да се отвараат, битно е дека постигнавме согласност за еден битен закон.“

Нема конструктивна опозиција без пристојна власт која таа опозиција ќе ја прифати, реагираше и лидерката на СДСМ, Радмила Шеќеринска:

„И денеска е срамота да се бројат отстапките од една страна, а да не се каже дека опозицијата се откажа од избор на Јавен обвинител со дво-третинско мнозинство.“

На петочната средбата беа надминати спорните точки околу овие три закони, односно беше договорено четирите најголеми партии да го поддржат законот за комитетот за етнички заедници во кој се содржани 45 закони, а не 46 како што претходно бараше ДУИ. Прашањето за законот за употреба на јазиците ќе биде решено со посебна одредница, со која се предвидува во иднина сите закони поврзани со јазикот и културата на етничките заедници да се донесуваат со двојно мнозинство, а беа прифатени и предлозите на опозицијата околу пакетот обвинителски закони.
XS
SM
MD
LG