Достапни линкови

Гордана Јанкуловска, Министер за внатрешни работи. Безбедносната состојба стабилна, случувањата се следат внимателно


Министерке, како ја оценувате безбедносната состојба во земјава по изјавата на српскиот претседател Тадиќ дека во Македонија има кампови во коишто се обучуваат албански екстремисти?

Безбедносната состојба во Република Македонија се оценува како стабилна и мирна. Сепак, ценејќи ги регионалните случувања, тука пред се мислам на финалното решавање на статусот на Косово и случувањата во регионот, сите служби кои имаат надлежности во оваа сфера и понатаму внимателно продолжуваат да ги следат безбедносните индикатори, да ги разменуваат информациите и доколку се процени дека е потребно, несомнено националниот совет за безбедност повторно ќе заседава и би излегол евентуално со поинакви заклучоци. Меѓутоа, во моментов врз основа на сите информации со кои располагаме, безбедносната состојба во Македонија е стабилна и мирна. Мониторингот, набљудувањето и внимателно следење продолжува и понатаму, затоа што регионот се наоѓа во еден исклучително чувствителен политички момент, а Република Македонија како непосреден сосед мора да ги следи сите случувања.

Од последниот совет за безбедност до сега се јави Командант Хоџа којшто од Танушевци порачуваше дека ќе организира референдум кон крајот на идниот месец за отцепување на селото и припојување кон Косово. Каква е фактички состојбата во Танушевци?

Зборуваме за една личност која од она што можеме да го видиме преку медиумите ја нема поддршката на локалното население. Заради остварување на сопствени лично цели, пласира одредени тези во јавноста кои ја немаат поддршката ниту од локалното население ниту од други структури. Така што, јас би рекла дека овие изјави се мотивирани од неговото, условно речено, криминално минато и тој веројатно најдобро ја знае причината зошто ги пласира тие изјави. Но, она што од аспект на безбедносната состојба и владеење на правото можам да го кажам, Танушевци како и секој друг дел од територијата на Република Македонија е територија каде што институциите го спроведуваат правото и тоа така ќе остане.

Се јави АНА, преку Интернет и вели дека има своја единица која е подготвена да делува на територијата на Република Македонија. Колку се сериозни ваквите закани коишто доаѓаат од овие групации?

Видете, провокации има постојано. Но, работа на институциите е смиерено и достојно на она што треба да го работат да се однесуваат. Така што, ние продолжуваме да го правиме тоа. Провокации имало и во минатото, не е исклучено дека ќе има и во иднина, но наша работа е да се одржува стабилноста, редот и мирот.

Ќе побарате ли оставка од вашиот заменик Рафет Елмази откако не само опозицијата, туку и членови на владеачката коалиција побараа негова оставка поради случувањата во парламентот?

Јас воопшто нема ниту да го коментирам ова прашање затоа што тоа не е прашање од надлежност на Министерот за внатрешни работи. Членовите на владата ги именува Собранието, така што секој коментар останува таму каде што му е местото.

Поднесовте кривични пријави против Алфите поради претепувањето на снимателот на АЛСАТ. Кои се гаранциите дека во иднина нема да се случи некој сличен инцидент на тој?

Кога зборуваме за конкретниот инцидент, МВР и јас најостро го осудивме настанот, и не само тоа, туку ние веднаш излеговме со конкретни податоци и информации што одат во прилог на целосно расчистување на настанот, затоа што навистина недозволиво е да се случуваат вакви работи во една демократска држава, каде што постои слобода на медиумите, право на информирање и уште повеќе заради фактот што ваквото однесување е изолиран, индивидуален случај и воопшто не е политика на институциите, а најмалку од се е политика на МВР. МВР со медиумите гради партнерски однос во насока на објективно и навремено информирање на граѓаните и ние секогаш ќе бидеме тука да дадеме поддршка и простор на медиумите да ја работат работата која е нивна примарна работа. Токму затоа ние експресно го разрешивме случајот. Поднесовме кривични пријави против лицата кои се инволвирани, затоа што навистина е недозволиво заради изолирани инциденти, предизвикани од индивидуалци, кои пред се треба да понесат индивидуална одговорност, да се нарушува угледот на единицата или на МВР. Така што, ова не е изолиран случај кога ние поднесуваме пријава против припадници на МВР. Напротив, со нашето работење покажавме дека односот е неселективен.

Дел од забелешките на опозицијата и на дел од експертите беа дека со приведувањата и дистрибуирањата на снимките од апсењата се крши презумпцијата на невиност и не се почитуваат човековите права. Ваш коментар околу ова?

Она на што ние посветуваме посебно внимание е токму почитувањето на човековите права. Сите чекори кои ги преземаме, со имплементирање на нови техники, нови правила на работење на полицијата, одат токму во таа насока, а тоа е усогласување со сите правила и процедури што се однесуваат на почитување на човековите права. Ние воспоставивме низа институционални механизми за заштита на човековите права каде што граѓаните можеа да поденсат претставка против полицијата и да преиспитаат одреден случај. Впрочем и со сите наши настапи во јавноста, вие ќе забележите дека никогаш не ги презентираме имињата на осомничените, се додека нема правосилна судска пресуда по однос на одреден случај. Право на медиумите и на нивната уредувачка политика е да изнесуваат одредени податоци до кои тие дошле по сопствени канали. Медиумите имаат различна методологоија на работа и на крајот на краиштата тие се борат за гледачи, за публика, за простор на пазарот. Така што, она што е на наша страна ние доследно и до крај ќе го почитуваме. Останува на уредувачката политика на медиумите како и кои факти ќе ги презентираат, односно кои информации до кои тие дошле. Кога сме кај прашањето за заштита на идентитетот на осомничените, неретко гледаме слики од судница, каде што за време на судењата кои се отворени и јавни има снимки, има делови од исказите, но понекогаш пресудите се ослободителни. И тоа е практика насекаде во светот.

Без разлика дали вие го откривате идентитетот на осомничените или не, кога таму се повикани камерите се работи за познати бизнисмени, политичари, не е потребно да се знае името и презимето, доволно е да се види ликот?

Видете, јас повторно ќе речам, останува на уредувачката политика на медиумот. Која вест ќе ја презентира и на каков начин. Во нашите официјални соопштенија и официјална комуникација со јавноста вие ќе забележите дека не се споменува име или идентитет на осомничените.

Наскоро започнува олеснувањето на визниот систем, но македонските граѓани ќе останат да чекаат во редиците за визи, за разлика од хрватските граѓани, исто така со статус Кандидат, успеа да издејствува безвизен режим. Зошто Македонија не успеа да го издејствува ова?

Неодамна го потпишавме договорот за визно олеснување со Европската комисија. Во преамбулата стои дека тоа е преодна фаза кон целосно визно олеснување. Република Македонија за разлика од другите држави од регионот кои потпишаа сличен договор има направено многу повеќе. Во делот на технички критериуми ние сме исклучително напред и завршивме речиси се што од нас побара Европската комисија. Сепак, финалната одлука по однос на целосно визно олеснување е политичка одлука на ЕУ, која би требало да уследи врз база на индивидуална оценка на напредокот на секоја земја. Ние, како институции и органи на државната власт, направивме се што беше побарано од нас и понатаму ќе ги исполнуваме сите критериуми и ќе продолжиме да разговараме во насока на целосно визно олеснување, затоа што навистина Република Македонија, посебно во последните 12 месеци направи многу. Тука пред се мислам на воведувањето на биометриски пасоши. Ние сме прва членка што не е член на ЕУ, а има биометриски пасоши. Понатаму, го потпишавме договор за реадмисија со ЕК, со што го уредивме прашањето на враќање на лица со незаконски престој. Исто така, во делот на интегрираното гранично обезбедување што е еден од условите, направени се сериозни чекори и напредок, со што ние навистина се издвојуваме од другите држави од регионот по ова прашање.
XS
SM
MD
LG