Достапни линкови

Дали периодот без избори во Грција и Македонија е поволен за решавање на спорот за името?


На генералното собрание на ОН во Њујорк, македонскиот шеф на државата Бранко Црвенковски и грчката министерка за надворешни работи Дора Бакојани со свои аргументи ги убедуваат дипломатите во врска со спорот за името на државава. Црвенковски се сретна со генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, а ќе одржи и средба со генералниот претставник за спорот со името Метју Нимиц. Бакојани пак, веќе се состана со него. Според аналитичарот Мерсел Биљали, придвижувањето на работите сега, по изборите кај јужниот сосед и во очекување на поканата за членство во НАТО одат во прилог на Македонија:

„Очигледно реално е амбиентот многу поволен, од причина што голем дел од државите членки на меѓународната заедница, Македонија ја имаат признаено со уставното име. Околностите и кај нас и во Грција водат кон тоа дека има еден вакуум кој може да се третира како полиберално време и поадекватно за решавање на овој проблем.“

Биљали вели дека активирањето на двата државни врва од медијаторот Нимиц би требало да произлезе нов предлог:

„Не верувам дека тој предлог радикално ќе се разликува од претходниот, така што мислам дека во Грција има поповолна клима да се прифати таков предлог.“

Професорот на меѓународно право Денко Малевски со сосема различен став, притисокот доаѓа од Грција, вели тој, а на Македонија и одговара да го одлага решавањето на спорот се до поканата за членство во Алијансата.

„И внатрешните односи меѓу партиите не се поволни, било каков обид за компромис може да предизвика многу судири. На ова од наша страна гледам на една дипломатска игра, со којашто се добива само време, во обид сепак ништо да не се прави се до самитот во Букурешт.“

Според Малевски, нов предлог од Нимиц не треба да се очекува, туку решението ќе дојде по Самитот во Букурешт:

„Соочувањето со поканата и начинот на којшто организацијата ќе реагира на постоењето на спор меѓу една држава членка и еден аспирант за членство, тогаш ќе се изврши еден посилен притисок врз Македонија.“

Последниот предлог на Нимиц беше пред две години, тројната формула, Република Македонија за внатрешна употреба и за земјите кои не признале под уставното име, за Грција – Република Македонија – Скопје и Република Македонија на латинично писмо во меѓународните институции и ОН, беше прифатено како добра основа за преговори од македонскиот државен врв, но експресно одбиена од Атина.
XS
SM
MD
LG