Достапни линкови

МВР не ги коментира изјавите на Шаќири


Од Министерството за внатрешни работи не ги коментираат изјавите на поранешниот пратеник Џезеир Шаќири за агенцијата Нетпрес, дека селото Танушевци е сардисано од македонски специјалци. Оттаму велат дека полицијата постапува во рамките на своите редовни активности и нема ништо невообичаено во извршувањето на секојдневните задачи.

Извори од државниот врв потврдуваат оти немаат податоци за евентуални закани за безбедноста во земјава и дека ако има потреба врз основа на информации од надлежните служби повторно ќе биде свикан Советот за безбедност.

Во денешната изјава за агенцијата Нетпрес, Џезеир Шаќири, познат како командант Хоџа вели дека веќе два дена во шумите близу Танушевци се движат македонски специјалци и оти тој е подготвен да се бори со нив.
Шаќири тврди дека веќе формирал Воен штаб и дека има неколку вооружени групи под негова команда. Тој вели дека, цитирам

„Ги гледаме специјалците , тука се во шумите, уморни се и исплашени. Нека си одат зошто ако не нападнат ќе видат што ќе им се слуши. И војска да пратат со тенкови, не ми е гајле. Денеска веќе имам доволно луѓе,“

вели Шаќири

Токму актуелната политичко-безбедносна ситуација беше тема на минатонеделната седница на Националниот совет за безбедност, на која беше заклучено дека во овој момент нема индиции за сериозно загрозување на стабилноста на Република Македонија.

„Се разбира потенцијалните ризици не ги потценуваме, затоа донесовме заклучок надлежните министерства да ја следат ситуацијата, благовремено да информираат и доколку е потребно на време да интервенираат,“

Изјави шефот на државата Бранко Црвенковски

Минатата недела Џезеир Шаќири, изјави дека поради незаинтересираноста на македонската влада за проблемите во Танушевци, неговите жиртели ќе организираат референдум за припојување кон Косово. Шаќири е поранешен пратеник и командант на Она. Во воениот конфликт од 2001 година командуваше со вооружените групи на ОНА во реонот на Танушевци.
XS
SM
MD
LG