Достапни линкови

Македонските граѓани сметаат дека придонесите се високи и дека промената нема да биде позитивна


Во земја која има низок животен стандард, превисоки се придонесите за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување, се жалат граѓаните. Најавите од владата во иднина да им се исплаќаат бруто плати на работниците, а тие самите да си ги плаќаат придонесите, според некои од нив нема да донесе позитивни резултати.

„Мислам лично дека е голема грешка тоа на владата, затоа што сите ние сме алчни по пари. Ако овој месец имам кредит некој, тогаш ќе си речам, нема да платам овој месец придонеси и ќе се лажеме така.“

Дека давачките за придонеси треба да се намалат се согласува и проф. Јован Пејковски, според кој независно од тоа дали работникот ќе прима нето или бруто плата, обврските за придонесите се на товар на граѓаните.

„Ако се префрли тој износ од бруто плата во нето плата, тогаш може да дојде до прикажување поголема плата и нормално дека товарот на плаќање на обврските паѓа на граѓанинот. И нормално, кога ќе се издвојат од бруто платата и нето платата ефектот е тој. Кај нас може да се размислува за намалување на придонесите.“

Кај нас се уште не е дефинирана минималната плата, па затоа е тешко да се планираат ефектите од една ваква мерка, велат од Сојузот на синдикати. Милан Мановски од секторот за економски прашања во Сојузот вели дека подмирувањето на придонесите од страна на граѓаните ќе ја доведе во прашање исплатата на пензиите од државниот фонд.

„Ќе се почувствува страв дека нема да има доволен прилив во фондовите. Луѓето се различни. Некој е несериозен, ќе земе бруто плата, и ќе рече после ќе платам придонеси, ќе ги потроши парите и потоа не направил ништо.“

Воведувањето на ваков модел на исплаќање на платите, успешно функционира во сите европски земји, вели стопанственикот Зоре Темелковски. Според него, ваквиот систем ќе ја подигне свеста на работникот за неговите права.

„Тој ќе биде преговарач со работодавецот и кога ќе се договори дека не работи под 500 евра, тие 500 евра тој нема право утре да обвинува и да оди да штрајкува дека не добил пензија.“

Од министерството за труд и социјална работа, потврдуваат дека владин тим во соработка со Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд прави стратегија околу функционирањето на ваков модел на исплата на платите во земјава. Сепак, оттаму посочуваат дека за спроведувањето на една ваква мерка потребен е подолг временски рок.
XS
SM
MD
LG