Достапни линкови

Габриела Коневска Трајковска, потпретседател на Владата на Македонија. Задоцнување на реформите има, но владата постави силна динамика


Госпоѓа Трајковска, како е да се биде на Вашата функција во Влада, за која се има впечаток дека е пред се ориентирана кон економијата, а не кон евро интеграциите?

Не би се сложила со вас дека на оваа влада, само економијата и е приоритет. Точно е, еден од столбовите и постулатите на коишто почива и програмата на Владата на Република Македонија и заложбите кои се прават е економскиот аспект. Но, секако главен приоритет на владата на Република Македонија е зачленувањето во ЕУ, НАТО и борбата против организираниот криминал и корупција. Докажувањата на ова поле, што секојдневно се трудиме да ги покажеме едноставно ќе родат со резултат во оној момент кога навистина ќе успееме да покажеме дека она што како два главни столба во нашата програма сме го поставиле, сме успеале и да го реализираме.

Еврокомесарот Рен остро ја критикуваше државата поради застојот на реформите. Ако евро интеграциите ни се приоритет, зошто дозволивме ваква позиција?

Критиката која ја добивме беше фер и реална, и беше едно пријателско укажување на она кон што треба во овој период да се фокусираме со цел да дојдеме до она што го очекуваме и посакуваме, а тоа значи исполнување на натамошниот дел од агендата за пристапување кон ЕУ. Ова во прв ред значи добивање на датум за преговори и почнување на процесот на преговори. За сите оние коишто го знаат процесот, знаат дека тоа првенствено значи задоволување на политичките критериуми, коишто политички критериуми претставуваат на целокупниот политичко правен систем во Република Македонија. На овој начин, се става на тест целиот легитимитет, легалитет на фунцкионирањето на власта во Република Македонија и зрелоста на политичките партии.

За застојот на реформите ја обвинивте опозицијата, која според вас во предизборието се занимавала во партиски и изборни активности. Но сега, главна тема е политичкиот дијалог, а во парламентот се носат закони кои немаат толку голема врска со нашите евро интеграции. Зарем сега не е состојбата слична?

Првенствено сето она што е поврзано со процесот на евро интеграции во ниту еден момент не сакам да го делам на процес, каде што има и нема виновни. Ова е процес каде што на тест е ставена државноста и зрелоста на политичко – правниот систем во Република Македонија. Ако на овој начин ги поставиме параметрите, ќе видиме дека сето она што до сега се прави, навистина имаме задоцнување во исполнувањето на реформите. Агендата којашто сме сакале да ја предвидиме според нацрт програмата за усвојување на законодавството на ЕУ, за жал сме успеале само една третина од законите кои биле предвидени во таа година да ги донесеме. Останатите две третини ги префрливме за 2007 година. За истите да бидат подготвени, потребен е одреден временски период и ќе се сложите, период од три месеци, значи септември, октомври, ноември и декември, се навистина кус временски период за сето она што не било направено во 2006 да се надополни. Ние ставивме исклучително силна динамика во којашто ветивме дека до крајот на март ќе успееме да излеземе со сите нацрт верзии на законите коишто не биле донесени во 2006. А, за за оние коишто се за 2007, дека ќе успееме да ги донесеме до првата половина на 2007 година.

Сметате ли дека со овој парламентарен состав, којшто водеше долги дебати за многу закони, ќе може да ја исполните агендата на премиерот Груевски, до 2008 година да бидат завршени сите реформски зафати?

Трпението во однос на парламентот е прашање коешто може да кореспондира и со политичката култура и со политичкото миље коешто опстојува во Република Македонија. Без да одам во критика на ниту една од политичките партии, сепак мораме да потврдиме дека трпението не се однесува само на донесувањето на законите само од корпусот на европските интеграции, туку треба да се однесува и на законите кои се однесуваат и на програмата на владата на Република Македонија. Во ниту еден момент, ниту пред граѓаните ниту пред јавноста не смееме да го избегнеме фактот дека парламентот треба да донесува закони паралелно коишто се однесуваат на хармонизација на законодавството со ЕУ и исполнување на
програмата на Владата. Можеби се создаде впечаток дека во првите неколку месеци ние ги дадовме оние закони од програмата. Тоа е затоа што законите коишто беа од корпусот на европски интеграции им требаше подолг период да бидат подготвени. Но, во ниту еден момент не треба да се сложиме со констатацијата дека на тој начин сме дале приоритет на една или друга област. Ние сакаме паралелно да ги водиме и едната и другата позиција, а верувам дека парламентот врз основа на она што го изразува како постигнат консензус, ќе успееме да постигнеме она што не е само приоритет на Владата, туку и за цела Република Македонија.

На почетокот на мандатот изјавивте дека ваша цел ќе биде добивање на датум за преговорите во 2007 година. Но од денешна гледна точка, тоа се чини некако невозможно. Кои се вашите реални проценки?

Република Македонија, односно владата, целосно работи, не само манифестирање на политичка волја дека сака да го добие датумот за преговори, туку и со реални заложби коишто се реализираат во исполнување на политичките критериуми, а не само на економските. Значи, наша крајна цел е позитивно мислење да добиеме од страна на Советот на ЕУ кон крајот на годинава. Во таа смисла ние ја споменавме 2007 година. Од тој аспект, како што тече процесот реално, би значело отпочнување на преговорите во 2008 година за време на словенечкото претседателство. Мене ми е многу жал што можеби се создаде чувство дека ние имаме интенција дека веднаш со започнувањето на 2007 година ќе имаме отпочнување на преговори. За тоа да се случи требаше во 2006 година да имаме позитивно мислење од Советот на ЕУ. Односно, позитивен предлог од ЕК. Нам, затоа што навистина имаме забавување во процесот на реформите во 2006, дали заради одржувањето на изборите, интерно политичко влијание, нам тоа не ни се случи. Немојте да заборавите дека нам ни се напоменуваат постојано неколку фактори на кои ние како влада засилено работиме. Резултати во однос на борба против организиран криминал и корупција. Нам ова во 2006 ни изостануваше. Дававме резултати само во некои области и не беше реално да мислиме дека на почетокот од 2007. Само оние кои не го познаваат доволно процесот можеби се надеваа на такво нешто. Владата точно имаше утврдено, работа за на крајот на 2007 Советот на ЕК дадат позитивна препорака за отпочнување преговори.

Ги намалува ли шансите фактот што поради несогласувањата на премиерот и претседателот, во земји кои се сметаат за клучни за нашата евро интеграција амбасадорските места се празни?

По однос на ова прашање мислам дека тоа е прашање на утврдена политичка зрелост или кохабитација, што години наназад претставува реалност во Република Македонија. Јас мислам дека во овој правец треба да се најде првенствено државниот интерес, а не интересот на одредени политички структури кои имаат влијание како на едната, така и на другата функција. Значи, тоа е системот којшто треба да се елиминира. Затоа што на крајот, губи Република Македонија. Ако не успееме консензус за една држава која е клучна за европската интеграција, па дури и за НАТО интеграциите, не губи само претседателот, премиерот, туку губат и граѓаните. Кога ќе успееме ова да го надминеме како интерен проблем, тогаш ние ќе може да кажеме дека располагаме со функционална правна држава и дека ние навистина го почитуваме законот. Некултурно е да се рече дека ние сакаме да го почитуваме словото на законот, во оној случај кога треба само професионалци да бидат од МНР, а во истиот момент да знаеме дека две третини од претставниците коишто сега ги имаме во дипломатско конзуларните претставништва на Република Македонија во ЕУ, се претставници на претходната власт. Значи, не може да имаме двоен аршин. Дега досега ние ги иманувавме како што беше, а сега сакаме да одиме понатаму. Ние го прифаќаме принципот на професионалност. За нас тоа не е проблем. Мислам дека нема да претставува добар сигнал за оние коишто сега сакаат да го изиграат словото на законот. Но, да видиме.

Сметате ли дека тоа сериозно им штети на нашите евро интеграции?

Да, дефинитивно може да наштети. Во моментов не претставува сериозна пречка, затоа што фокусот се одвива директно преку Брисел. Но, земјите членки имаат исклучително влијание, затоа што знаете дека овој процес е исклучително комплексен и не можете да го одвивате само преку еден центар. Начинот на којшто се однесуваме од тесно политички и лични интересни може да ни донесе сериозни последици. Верувам дека претседателот ќе ги надмине овие позиции и ќе дојде со позитивна енергија.

И за крај, постоеја шпекулации во јавноста дека при можна реконструкција ќе ја изгубите вашата позиција?

Немам такви информации.
XS
SM
MD
LG