Достапни линкови

Нема политичка криза, туку само различно размислување, велат од владеачките партии


Законот за празници, воведувањето на веронаука, собранискиот деловник, се само дел од предлозите за кои владеачката коалиција ВМРО ДПМНЕ, ДПА и НСДП изминативе месеци демонстрираше различни размислувања околу потребата од нивното донесување или одредени решенија во нив. Иако, во јавноста се добива таков впечаток, непостои политичка криза во рамки на коалицијата и станува збор само за изнесување на индивидуални размислувања, уверуваат претставниците на партиите од власта. Иван Анастасовски од Новата-социјалдемократска партија посочува:

„Воопшто заради едно такво индивидуално размислување на пратениците од нашата пратеничка група нема криза во самата коалиција. И по одредени други прашања има, а и во иднина ќе постојат поинакви размислувања.“

вели Анастасовски.
И во ДПА потенцираат дека поинаквите тонови изнесени во јавноста посебно преку Парламентот се должат на различните програмски заложби на една партија, и на тоа, според Ружди Матоши од оваа партија не може да се гледа како на криза во власта:

„Во секоја средина каде што треба да се имплементира некоја платформа или програма, секогаш може да има различни ставови, но неможе да се констатира дека има недоразбирање во коалиционото мнозинство.“

Сепак, можат ли ваквите различни ставови за одредени предлози да се одразат врз потребното мнозинство во парламентот за донесување на одредени клучни законски проекти, Трајко Вељановски од ВМРО ДПМНЕ одговара:

„Битно е оние суштински и коалициони проекти, да не бидат предмет на различно размислување и различно гласање.“

Експертската јавност пак, смета дека постои потреба за поголема соработка посебно на релација меѓу Владата и пратениците од Парламентот од владеачките партии со што би се избегнало демонстрирањето на неединството и лошата порака што со тоа и се праќа на јавноста. Политикологот Дане Талески истакнува:

„Значи треба да се воспостави некој инструмент на функционирање не на партиско ниво, туку подобро да бидат информирани пратениците во парламентот кои ја сочинуваат и Владата.“

Забележува Талески.
XS
SM
MD
LG