Достапни линкови

За некои жители на струмички села затворање на патот за нивна егзистенција


Најмалку двапати во месецот, голем број семејства кои живеат во струмичкиот регион, го поминуваат граничниот премин Ново село и од најблиските бугарски градови купуваат разновидна стока. Повеќето од нив пренесуваат прехранбени производи, а не ретко купуваат облека по поефтина цена и ја препродаваат на нашите пазари. Еден од многуте вакви трговци вели дека влезот на соседната Бугарија во Европската Унија ќе значи затворање на нивниот пат за егзистенција.

„Многу наш народ егзистенција бара таму, со ситна трговија, но со влегувањето на Бугарија во ЕУ, цените ќе се изедначат со Европа, така што Бугарија веќе нема да биде пристапна земја за нас.“

Овој струмичанец раскажува дека во последните неколку години забележливо е изедначувањето на цените на продуктите во Бугарија и Македонија, а тргувањето на мало не е толку исплатливо како порано. Ако до пред некое време финансиски беше исплатливо да пренесувам сирење и кашкавал од Бугарија и да го продавам во Македонија, сега веќе не е така, признава овој струмичанец.

„Мала е разликата во цените, но доволно за живот. Но уште сега се чувствува дека цените се изедначуваат со нашите.“

Воведувањето на визи од бугарска страна за македонските граѓани ќе значи ограничување на слободното движење, вели Вера Митрова, која во Бугарија патува, кога треба да купи облека за сите членови на семејството. Доколку во иднина за да одам во Бугарија треба прво да доаѓам во Скопје за да добијам виза, трошоците ќе се зголемат, а тоа ќе го оптовари семејниот буџет, вели Вера.

„Кога треба да се облекуваме за зимски период за целата фамилија, сите одиме комплетно и излегува поефтино. Но, ако треба да вадиме визи, тоа нема да ни оди во прилог, а и цените ќе бидат повисоки.“

Засега е извесно дека визите за Бугарија ќе бидат бесплатни за македонските граѓани, но нема да можат да се вадат на граница, зошто Европската Унија не го дозволува тоа. Бугарскиот амбасадор во Македонија, Михо Михов неодамна изјави дека мината година во Бугарија влегле скоро еден милион македонски граѓани и дека потребите за визи ќе се задоволат со отворање на уште еден или два бугарски конзулати во Македонија.
XS
SM
MD
LG