Достапни линкови

Протестите ќе траат се додека Централното претседателство не заземе поинаков став


Демократската унија за интеграција денеска ги продолжи протестите на неколку локации во Скопје и во градовите кадешто градоначалници се членови на ДУИ. Од оваа партија се уште не знаат до кога ќе траат протестите. Велат дека времето до кога и начинот на кој ДУИ ќе го изрази своето незадоволство поради невлегувањето во составот на новата Влада, ќе го определи Централното претседателство на партијата:

„Протестите ќе продолжат додека Централното Претседателство не заземе друг став. Во зависност од ситуацијата Претседателството на партијата или ќе заземе друг став или ќе продолжиме со овие блокади.“

Изјави Аднан Јашари од ДУИ. Од оваа партија велат оти се задоволни од одзивот на вчерашните протести и засега се се одвива во најдобар ред:

„Ние сме задоволни и денеска има доволно луѓе кои протестираат, така да се се одвива како што треба.“

Правото на протест е демократско право на сите граѓани во земјава, коментрираат од ВМРО-ДПМНЕ. Сепак потенцираат дека дијалог помеѓу политичките субјекти мора да постои:

„Ние се надеваме и сметаме дека треба да продолжи дијалогот меѓу сите политички субјекти, бидејќи нашата држава ја очекуваат битни промени, ја очекува пристапување во ЕУ и НАТО, работа за која ни е потребен консензус и во тој дел го гледаме придонесот на сите политички субјекти независно дали се во опозиција или во позиција.“

изјави Влатко Ѓорчев, од ВМРО-ДПМНЕ.
Единствено дијалогот помеѓу засегнатите страни може да ги надмине сите проблеми е ставот на меѓународните претставници во земјава. Одржувањето на протести е дел од вообичаениот демократски процес, но сепак сметаме дека протестите не служат како замена за дијалогот, за кој веруваме дека е единствениот начин за надминување на сите постоечки проблеми, изјавија од канцеларијата на Европската Унија во земјава.
XS
SM
MD
LG