Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ нема да преговара со ДУИ се додека има уцени


ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема да продолжи да преговара со ДУИ, доколку партијата се служи со уцени, повтори Антонио Милошоски по паузата во преговорите, која лидерот Али Ахмети викендов ја исползува за консултации со бившите команданти на ОНА:

„Очигледно, тие партии не се подготвени за тоа и ние не би можеле да исчекориме понатаму. Сега топката е во нивни раце и ние оставивме тие да го дадат одговорот дали сакаат да продолжат тие разговори. Но, очигледно нивната неподготверност за тоа и нивните средби со милитантното крило, со командантите, даваат некој поинаков одговор“.

Од друга страна, поради тензичната ситуација во преговорите за формирање на новата влада, ДУИ побара од меѓународната заедница да интервенира како медијатор.

„Нашето писмо не обврзува никого да прати одговор, освен ако страните не најдат за сходно за такво нешто,“

вели Еермире Мехмети. Сметаме дека нема никаква потреба од извинување, притоа изјави Мехмети:

„Сметаме дека таму не е тежиштето на проблемот и на целата ситуација. Централниот одбор го овласти Претседателството и претседателот да продолжи во правец на барање на конструктивен излез од ситуацијата, така што тоа е нашиот став и ние сметаме дека нашите пораки се конструктивни“.

Во меѓувреме, додека ВМРО-ДПМНЕ топката ја префрли кај ДУИ од која бара оградување од изјавата на Муса Џафери за употреба на калашњикови како аргумент за убедување, коалицијата на Груевски собира парламентарно мнозинство за составување на новата влада.

„И денес ќе продолжат преговорите во подетални фази со останатите политички партии. За тоа е овластен претседателот Груевски кој е во тековен контакт со Тито Петковски од НСДП, со раководството на ДПА и со раководствата на помалите партии ПЕИ и ДОМ“, вели Милошоски.

Новиот парламентарен состав конституитивната седница ќе ја одржи на 26-ти јули, на која се очекува да биде избран новиот претседател на парламентот. ВМРО-ДПМНЕ смета дека има услови да се конституира парламентот, зашто ДИК денеска ги врачува и уверенијата за избрани пратеници.

„Ние имаме парламентарно м,нозинство, ние имаме коалициони партнери кои ја претставуваат основата за нбовиот парлмент и за новата влада. Со ДУИ е оставена мала можност за надградба на ова мнозинство и за новата влада, но дали ќе биде искористено тоа од страна на ДУИ, зависи од нив,“

изјави Антонио Милошоски.
XS
SM
MD
LG