Достапни линкови

Законот отвора многу дилеми, велат во ВМРО Народна


По неколкудневната расправа, Собранието го донесе изборниот законик. Владата го прифати амандманот со кој се регулира составот на избирачките одбори, при што покрај тројца членови на јавната администрација во него ќе има и двајца претставници од политичките партии, еден од власта и еден од опозицијата која на последните избори освоила најмногу гласови.
Овој амандман беше и една од главните забелешки на ВМРО Народна партија, поради што нејзините пратеници не присуствуваа на гласањето. Оттаму велат дека донесениот закон отвора многу дилеми во однос на правилата на изборнот процес:

„Побаравме да се корегира системот само ВМРО ДПМНЕ и СДСМ да имаат свој претставник и побаравме уште една опозициона политичка партија, односно најголемата парламентарна партија, а тоа сме ние, но тоа не беше прифатено. Покрај ова не беа прифатени нашите предлози околу избирачкиот список, околу она што значеше подобрување на се она за создавање на концептуална основа за реализација на фер и демократски избори.“

вели Блаже Стојановски од ВМРО-Народна.
Новина во изборниот законик е тоа што се елиминирани регионалните изборни комисии, а нивните надлежности ќе бидат пренесени на општинските изборни комисии. Дел од прифатените амандмани се однесуваат на составот и изборот на Државната Изборна Комисија. Таа ќе се избира со двотретинско мнозинство, а нејзиниот председател ќе го предлага опозицијата.
За активностите што следат по донесувањето на изборниот законик зборува претседателката на Комисијата за политички систем, Роза Топузова Кареска.

„По стапувањето на сила на изборниот законик треба да се распише конкурс за избор на членови на ДИК, а во меѓувреме треба најголемата опозициона партија да предложи кандидат за претседател на ДИК. Потоа претседателот и членовите на Државната изборна комисија треба да се изберат во Парламентот и тоа со двотретинско мнозинство, што укажува на тоа дека ќе треба да има консензус помеѓу политичките партии.“

Дел од текстот на законот станаа и амандманите што се однесуваат на постапката за заштита на избирачкото право, како и за одлучување на Врховниот суд за поништување и повторување на гласањето.
Изборите треба да бидат распишани 70 до 90 дена пред денот на нивното одржување.
XS
SM
MD
LG