Достапни линкови

Состојбата со човековите права на Балканот се подобрува


Според годишниот извештај на Стејт Департментот, состојбата со човековите права се подобрува и во другите Балкански држави, а позитивен развој бележат и некои држави од поранешниот Советски Сојуз. Како земји со најголеми кршења на човековите права се наведуваат Иран, Кина, Белорусија, Куба и Северна Кореја.

По една декада од конфликтите на Балканот, почитувањето на човековите права се подобрува, се поголем број осомничени за воени злосторства се уапсени, но најбараните, Ратко Младиќ и Радован Караџиќ сеуште се на слобода. Во извештајот, меѓу другото, се наведува и дека изборите во државите на Балканот се повеќе се во согласност со меѓународните стандарди, а забележлива е и соработката меѓу соседните земји. Во врска со земјите од поранешниот Советски Сојуз, Стејт Департментот оценува дека најмногу проблеми има во Белорусија, поради дикататорскиот режим на претседателот Лукашенко, во Узбекистан, при што се наведува прекумерната употреба на сила против демонстрантите во Андиџон и репресијата врз активисти за човекови права и новинари, и во Русија поради концентрацијата на моќта во Москва и притисоците врз невладините организации. Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс изјави дека целта на овие извештаи не е да се осудува некоја земја, туку да се промовира почитувањето на човековите права во светот.

„Се надеваме дека извештајот ќе ги охрабри владите, организациите и медиумите да се фокусираат врз проблемите со човековите права и оти ќе биде инспирација за многу луѓе, кои дејствуваат за мирни демократски промени.“

Во извештајот, Иран се посочува како една од најлошите држави по прашањето на човековите права, при што се наведуваат верските и рестрикциите на медиумите, егзекуциите за некои видови криминал, како и обвинување дека Иран ги подржува терористичките организации. Помошник државниот секретар за демократија и човекови права, Бери Ловенкрон изјави дека ваквите извештаи се важни и за меѓународните односи.

„Државите кои постојано и систематски ги кршат човековите права на сопствениот народ, се закана и за соседните земји и за меѓународната заедница, а Иран е таков пример.“

За државите како Кина, Куба и Северна Кореја се вели дека властите се одговорни за многубројните кршења на човековите права, како и за отсуството на слободно информирање. Во врска со Ирак и Авганистан, каде што Соединетите Држави ги соборија диктаторските режими, во извештајот е наведено дека двете земји настојуваат да етаблираат демократски институции и оти е постигнат значаен напредок.
XS
SM
MD
LG