Достапни линкови

Теута Арифи, потпретседател на ДУИ. Почетокот на јули е најдобар датум за избори


Од договорот што беше постигнат во Хаг произлезе дека враќањето на предметите ќе започне кон крајот на годината. Како вие ја коментирате посетата на владината делегација во Хаг и постигнатиот договор?

Ние сметаме дека за случаите за кои е надлежен судот во Хаг треба да одлучи тој Трибунал и апсолутно оценуваме дека од самиот Трибунал зависи како и кога ќе постапи, дали ќе ги врати случаите и кога ќе ги врати и сметаме дека тоа е нивна надлежност и не би требало да се мешаме околу тоа.

Зошто оваа влада и го остави во наследство отворањето на четирите предмети од Хаг на идната Влада, со оглед на тоа дека враќањето на предметите треба да започне кон крајот на годината?

Предметите најпрво не се работа на владите. Тоа е работа на судството и не може да се зборува дека една влада остава во наследство работи на друга влада, туку се работи за процеси кои очигледно ќе течат, според тоа како ќе одлучи Хашкиот Трибунал, а не како сакаме ние.

Став на вашиот коалиционен партнер и на премиерот беше дека случаите треба да се вратат до крајот на годината?

Сепак, за случаите по коишто тие треба да постапат тие треба да вреднуваат кога и како би се вратиле или дали воопшто би се вратиле.

Не сметате ли дека со повикувањето на одредени политички одлуки, политиката се става над судството во Република Македонија?

Не сметаме дека е така, туку имаме право да искажуваме мислење за некои битни работи. Во ниту еден случај не сметаме дека политиката треба да дојде над судството, туку судството треба да си биде независно и нормално доволно реформирано за да може да следи случаи кои се битни, а кои некогаш посегнуваат и по стабилноста.

Значи ли тоа дека кога ќе процените дека постојат услови и дека е реформирано судството, дека тогаш може да се вратат овие случаи?

Јас не мислам дека тоа е наше да процениме, туку е работа на проценка на Трибуналот.

Каде се наоѓа документот, на којшто инсистира претседателот на вашата партија Али Ахмети, а којшто според неговото тврдење е потпишан меѓу претставниците на НАТО и поранешниот претседател Борис Трајковски за којшто постојат сомневања дека не постои?

Па, ние немаме причини да се сомневаме во изјавата на нашиот претседател Ахмети. Имајќи предвид дека се зборува за документ кој е тространо потпишан, значи од три субјекти, сметаме дека се работи за договор на овие субјекти за тој документ да оди пред јавноста. Затоа ние воопшто не се сомневаме, а сметаме дека тие субјекти треба да се договрат доколку сметаат дека тоа треба да оди јавно и не би било благодарно само едниот субјект да оди со објавување затоа што само некој се сомнева.

Каде се наоѓа документот?

Тоа јас не знам и не можам да ви кажам.

Велите три субјекти се во прашање, кои се тие?

НАТО, Ахмети и претседателот Трајковски, така кажа претседателот на мојата партија. Јас само можам да го повторам уште еднаш истото, затоа што тие биле субјектите вклучени во тој процес во тоа време и секогаш треба да се има предвид фактот дека се зборува за работи кои се случиле пред пет години, во еден период кога земјата била во конфликт и кога преговорите биле мировни преговори и затоа треба да се има доза на сериозност и разбирање секогаш кога се зборува за тоа.

Од друга страна, вашиот сопартиец Фазли Велиу изјави дека ќе ја блокира работата на парламентот, барајќи носење на закон за јазици и за припадниците на ОНА. Дали во рамките на овој вашата партија ќе го бара носењето на овие закони?

Прашањата кои се изнесени се меѓу приоритетите на нашата политичка партија, меѓу другото и работите поврзани со јазикот и социјалниот статус на сите кои се жртви на конфликтот во 2001 година. И сметаме дека е фер да се гледа двострано, а не еднострано, затоа што во конфликт секогаш има две страни и секогаш има жртви. Кон тоа треба да се пристапи коректно. Тоа ќе бидат прашања од наш приоритет, а во однос на тајмингот мислиме дека во моментов нема да зборуваме за време, туку само ќе кажеме дека во моментот остануваат како висок приоритет на работата на нашата политичка партија и во односите со коалиционите партнери.

Спроти изборите постои впечаток дека постои отворен судир меѓу вашата партија и ДПА?

Па, не може да се зборува за судир. Се работи за нормални политички процедури. И двете политички партии работат на ист терен и претендираат за истите гласачи и нормално е да ја почнат кампањата за што повеќе гласови. Тоа е нормално политичко конфронтирање на две партии од кои едната е на власт, а другата во опозиција.

Дали во Македонија е создадена клима која ќе гарантира фер и демократски избори без насилства?

Јас сметам дека клима е создадена, а ние сите треба да работиме интензивно, ако не е создадена до крај да ја создадеме. Имајќи го предвид фактот дека во мислењето на ЕК, јасно стои дека од сите политички фактори се бара доза на сериозност во однос на спроведувањето на изборите, сметам дека таа доза на сериозност треба да ја покажеме, во однос на тоа дека треба сите да победиме на изборите, а тоа значи да имаме фер и демократски избори, без разлика кој ќе победи, а кој ќе губи, значи да победиме во патот кон интегрирање кон ЕУ. Мислам дека тоа е јасно, јасно ни е укажано и сите треба да го сфатиме.

Отвораат ли овие избори можност од коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ?

ДУИ во моментов не размислува за коалиции. Во моментов е политичка партија која учествува во власта и најбитно за нас е да направиме добра политичка програма, да добиеме што поголем број гласачи. Размислуваме за коалиција со нашите гласачи, тоа е наш политички приоритет, додека другите коалиции се сосема друга работа на други околности, за кои може да се мисли и да се размислува пост изборно, пред изборно е неблагодардно да се шпекулира.

Сеуште не е познат датумот на изброите, кој е вашиот став?

Мислам дека тоа е работа на договор на политичките партии. И ние ќе почитуваме заеднички договор. Иако сметаме дека почетокот на јули би бил подобар датум, имајќи го предвид дека празниот период на летото би го искористиле за формирање на влади и такви нешта, затоа што тогаш периодот од септември, октомври, ноември и декември би бил период за продолжување на активностите за добивање датум за старт на преговорите со ЕУ.
XS
SM
MD
LG