Достапни линкови

Состојбите очајни, се најавува нов закон


Состојбите во земјоделството се очајни. Никој не се грижи за нас и нашето производство. Државата не ни нуди парична помош, а се што ќе продадеме неможеме да го наплатиме, се жали земјоделецот Стефче Атанасовски.
Според него пред неколку години поубаво се живеело од земјоделството, но состојбите се промениле:

„Земјоделците, вистинските земјоделци, државата треба да ги стимулира со регреси, премии, субвенции, а не секој што поседува земја, на пример, пуковник има пет хектари земја и добива некоја си субвенција.“

Од Земјоделската народна партија информираат дека подготвиле предлог за донесување закон за земјоделството, кој ги опфаќа сите прашања од областа на земјоделството и претставува основа за унапредување на македонскиот аграр. Според лидерот на Земјоделската народна партија, Марјан Ѓорчев, без донесување на ваков закон неможе да се зборува за усогласување на македонското со европското законодавсто:

„Од ова ќе произлезе нов третман за пензиското и инвалидско осигурување на земјоделците, нов третман за помошта на државата во тој дел, ќе произлезе значи како законска подлога, законот ќе го потикне земјоделството, по пат на премии, регреси, субвенции. Едноставно овој закон ги третира сите сегменти во земјоделството.“

Еден од изготвувачите на овој закон Бобан Илиќ, вели дека законот за земјоделство нема да ја подигне конкурентноста на македонските земјоделски производи, но ефектите од него ќе ги почувствуваат земјоделците:

„Земјоделците ќе можат да сметаат на државна помош, секако согласно буџетот и воедно ќе се регулира и платежната агенција, што секако ќе биде политичка одлука, која исто така ќе ги канализира претприфатните фондови на ЕУ кои се однесуваат на земјоделците.“

Причината за општото незадоволство кај земјоделците, Илиќ ја гледа во немањето на организирано земјоделско производство и големите трошоци на земјоделците:

„Имаме голема структура на земјоделци, неможе да збориме за организирано земјоделско производство кога имаме просечна големина на фарма од 2 хектари. Во старт немаме производ, импутут е голем, но одредени гранки ние сепак имаме конкурентни производи. Што би правеле доколку раноградинарските производи не се извезуваат, но факт е дека тие се извезуваат.“

Земјоделецот Стефче Атанасовски пак, не се надева дека новиот закон ќе ги заштити нивните права и вели дека во иднина се гледа во друг сектор од кој ќе може подобро да живее.
XS
SM
MD
LG