Достапни линкови

Хусеин може се соочи со смртна казна?


Долгоочекуваното судење на затворениот ирачки лидер Садам Хусеин е закажано за 19 октомври. На Хусеин ќе му се суди за масакр врз 150 лица, во една претежно шиитска област јужно од Багдад, по неуспешниот обид за атентат врз него што се случил во 1982-та година. Ако биде осуден, можно е поранешниот ирачки претседател да се соочи со смртна казна.

Портпаролот на ирачката влада Лаит Куба, соопшти дека судењето на Садам Хусеин ќе започне на 19-ти Октомври, четири дена по националниот референдум на кој ирачките граѓани ќе се изјаснуваат за Уставот на земјата. Процесот започнува две и пол години по американската инвазија на Ирак и симнувањето на режимот на Хусеин. Владата го подготвуваше случајот против Хусеин со месеци и официјални претставници претходно изјавуваа дека сакаат фер, но брзо судење. Привремениот премиер Ибрахим Ал Џафари во јули ја даде следнава изјава:

,,Ние сме за фер процес. Судската власт е независна од законодавната и извршната. Но, сите три власти треба да знаат дека легитимитетот го добиваат од ирачкиот народ. Законот треба да биде спроведен и се надеваме дека судот ќе ја забрза истрагата и дека ќе донесе правична пресуда.”

Судењето ќе се фокусира главно на масовните убиства спроведени од ирачките безбедносни сили по наредба на Хусеин. Конкретно, станува збор за масакрот што во 1982-та година е извршен од страна на ирачките сили врз 143 лица како и апсењето на 1 500-тина жители на градот Дуџаил кој се наоѓа во близина со саудиската граница.

68-годишниот Садам, кој беше уапсен од американските сили во декември 2003-тата доколку биде обвинет може да се соочи со смртна казна. Во судењето се вклучени и негови седум блиски соработници.

Судењето на Хусеин сигурно ќе биде полно со емоции. Пример за тоа колку емоционално може да биде, е нападот, како што изјави Садамовиот консултант Абдул Хак ал Ани, што врз него бил извршен од неидентификуван човек во судницата при неговото сослушување во јули. Ал Ани објаснува:

,,Кога поранешниот претседател застана еден од луѓето во судницата стана и физички го нападна. Судијата не интервенираше и тоа е најголемата навреда за секој суд затоа што тој очигледно знаеше кој беше тој човек и требаше да го обвини за презир на судот и да го стави в затвор.”

Судијата и американски официјални претставници демантираа дека таков инцидент се случил. Безбедноста на 19 октомври кога започнува процесот треба да биде на највисоко ниво за да го заштити Хусеин од обиди за напад, па дури и атентат. Но, исто така безбедноста треба да е висока и за заштита на судот од напади на бунтовниците кои ја задржуваат лојалноста кон Хусеин.
XS
SM
MD
LG