Достапни линкови

Локалните избори повторно покажаа дека нема промени во политичката зрелост


Додека во некои општини, веќе се одржуваат конститутивни седници на новоизбраните совети, други кандидати се подготвуваат за вторит круг што треба да се одржи во десетина општини, веќе е извесно, дека во Тетово и Скопје, каде партиите што ќе ја освојат власта главно се сметаат за победник на изборите, гласањето практично ќе помине без политичка битка. Повлекувањето на Ристо Пенов од траката за Скопје, што власта го оцени, како резултат на политичка зрелост, и прифаќање на пораката на граѓаните дека гласале за промени, според професор Јован Донев од Институтот Евробалкан, зборува за пораз на власта во Скопје:

„Фактот што ги изгуби освен Карпош сите други општини владеачката коалиција и во СДСМ и ЛДП ќе има доста работа, ќе треба да направат анализа и да ги утврдат главните причини, зошто тоа се случи.“

Освен импликациите на изборите, што имаа значење внатре во партиите на власта, според аналитичарите, од друга страна, бојкотот на изборите од опозицијата од албанскиот политички блок, фрла сенка и врз кредибилитетот на коалициониот партнер на власта ДУИ да организира фер и демократски избори:

„Во секој случај тоа штетно, јасно е дека имало куп нерегуларности во северо западна Македонија.“

Но, аналитичарите потсетуваат дека од вината за нерегуларностите на изборите не може да се амнетира ниту опозицијата, која обвинуваше за фалсификат, а потоа објави победа на изборите. Публицистот, Исо Руси вели:

„Јас сум сигурен дека сегашната опозиција ја напаѓа и ги идентификува можните нерегуларности врз основа на искуството додека тие беа на власт. Значи, никој не може, да каже дека опозицијата ни се ангели, а ѓаволите се во позицијата. Но, од друга страна постои едно правило во демократијата. За изборите и за регуларноста на изборите одговараат оние кои се на власт.“

Генерално според аналитичарите, нерегуларностите што се случија во двата круга на гласањето и за кои многу подиректно беа упатени критики од меѓународната заедница, покажуваат дека во Македонија, во изминатите десетина години нема промена во демократијата, ниту во политичката зрелост:

„Го потценивме значењето на изборите во однос на нашите евро атлантски аспирации. Ова што ни се случи на изборите има цена и за жал ние ќе ја платиме. Било со пролонгирање на нашето зачленување во НАТО или со пролонгирање на одговорот на прашалникот за членство во ЕУ,“

заклучува Руси.
XS
SM
MD
LG