Достапни линкови

Предизборната атмосфера се вжештува


На една недела пред почнувањето на изборниот молк веќе може да се почувствува извесно зголемување на температурата на македонската политичка сцена. Партиите и независните кандидати полека ги вадат од ракавите и најголемите нивни адути, со кои, барем тие така мислат, ќе се доберат до една од 85-те градоначалнички и 1391-та советничка фотелја. Иако партиските карвани ја обиколуваат Македонија вдолж и попреку, сепак забележливо е дека главниот акцент на кампањата е фрлен врз поголемите градови, и секако во Скопје. Последниве неколку дена копјата во главниот град се кршат околу идејата на Ристо Пенов да гради плоштад на Бит Пазар. Опозицијата го обвинува дека ќе купува земјиште што претходно евтино го продал. Пенов, пак смета дека обвинувањата се без основа

„На Бит Пазар околу 4,500 илјади квадрати коишто и по деталниот урбанистички план се предвидени за плоштад се слободни, во државна сопственост и може да се користат.“

Во меѓувреме, како и во секоја кампања, многу ветувања, фалење, критики на конкурентите, се отвораат прашањата за изградба на концертна сала, заобиколница на Скопје, тунел под Калето, и слично.

„Може да се каже, ништо ново и ништо невидено, истите иконографии и реторики се употребуваат.“

вели професор Јован Донев, кој смета дека во Македонија и натаму голем проблем ќе остане немањето капацитети да се одговори на потребите на граѓаните на локално ниво

„Сериозен проблем ќе биде организацијата на општините, менаџментот, зачи всушност тоа што на Македонија и недостасуваат кадри, центри за обука со пренос на надлежностите на ниво на општините, сериозни се проблемите на локално ниво.“

Настан што медиумски ја одбележа изминатава недела беше првото телевизиско соочување на двајцата најголеми претенденти за градоначалник на Скопје на Телма. Во штабот на Пенов еуфорично беа објавени резултати од анкета според кои нивниот кандидат убедливо го добил првиот дуел

„Задоволство постоеше и во мојот штаб, меѓутоа, ние не се дрзнавме меѓу нас да направиме анкета. Народот е тој што на 13-ти ќе одлучи.“

одговара Трифун Костовски.

А на 13-ти, за да не се избаксузира работата, ќе бидат задолжени неколку илјади домашни и странски набљудувачи

„60 странски набљудувачи и околу 4,400 домашни набљудувачи, беа доставени и барања за околу 500 домашни и 330 од ОБСЕ и ОДИХР.“

вели Зоран Таневски од ДИК.

И наместо заклучок, по неколку гласања во минатата година проследени со повици за бојкот од страна на власта или опозицијата, граѓаните овојпат ќе можат раат да гласаат, без да им е шубе дека некој ќе им забележи поради тоа.
XS
SM
MD
LG